Белорускиот претседател Александар Лукашенко, кој на 9-ти август освои уште еден мандат со кој по 26 години останува на чело на земјата поради што последните две седмици се одржуваат најмасовните протести против неговото владеење, изјави во понеделникот дека постојниот општествен модел во земјата делумно носи авторитерен карактер, и изјави дека е неопходно да се изгради систем кој не би бил поврзан со личноста на претседателот.
Како што пренесува државната новинска агенција БелТА, Лукашенко оваа изјава ја дал по состанокот со претседателот на Врховниот суд, Валентин Сукало, од кого побарал да се вклучи во изготвувањето на промените на Уставот на Белорусија, што ги најави во обидите да ги стивне секојдневните масовни протести против неговиот реизбор.
„Верувам дека, и покрај фактот што имаме некаков авторитарен систем на организирање на општествениот живот, претседателот сепак го заштитува судството“, го цитира агенцијата Лукашенко.
„Но тоа е личен момент, а ни треба да осигураме дека системот не е поврзан со некоја личност, вклучително и со Лукашено“, рекол белорускиот претседател во разговорт со првиот човек на Врховниот суд.
„Мислам дека во новиот устав соодветно ќе го одразиме системот на нашите судови, засновано на заедничкото искуство во последните четврт век. Но одговорно: внесете предлози, заложете се за тие предлози“, рекол Лукашенко.
Тој претходно изјави дека е подготвен да се откаже од дел од претседателските овластувања, но само во рамките на уставните реформи. Нови избори, како што бара опозицијата, рече Лукашенко, се можни дури по усвојувањето на новиот устав на Белорусија.