Лукоил го продава имотот во Украина

Најголемата руска приватна нафтена компанија Лукоил не планира да ја намалува својата инвестициска програма поради санкциите кои ги трпи од Европската Унија, изјави денеска шефот на компанијата Вагит Алекпетров. Тој објасни дека е на сила 10 годишен план за работа кој е донесен во јануари оваа година.

Што се однесува на целокупното влијание од воведувањето на санкциите, според зборовите на Алекпетров, за нив е тешко да се зборува бидејќи компанијата сеуште го проценува ефектот од нив.

Претходно, агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на Алекпетров, најави дека компанијата ќе ја намалува инвестициската програма поради санкциите. Компанијата смета дека можноста да продаде дел од имотот во Источна Европа, за да може да функционира во Русија, не е исклучен.

Лукоил соопшти дека е постигнат договор со австриската компанија AMIC енерџи менаџмент за продажба на 100 отсто од компанијата Лукоил Украина, која поседува 240 бензински пумпи и шест нафтени бази на територија на Украина.