Луковица, единственото село со македонско население во Општина Желино нема асфалтиран пат

Жителите на Луковица бараат од Владата да испита како нивната Општина Желино ги потрошила над половина милион евра од државниот буџет, а не успеала да асфалтира делница до нивното село од нецели 5,5 километри. Луковица е единственото село без асфалтиран пат во Општината, месната заедница самата ја плати проектната документација од 6.000 евра и барала помош од централната власт да обезбеди средства.

Во 2022 година Општина Желино доби 15 милиони денари, а во 2023 година и 20 милиони денари или вкупно 569.105 евра, но од предвидени 5.475 метри успеале да асфалтираат 3.725 метри, па остануваат 1.750 метри и понатаму како земјен пат.

Од месната заедница во Луковица сметаат дека општината склучила неповолни договори со фирми и сметаат дека средствата за доволни за целосно асфалтирање.

Миле Сибиновски, претседател на месната заедница образложува дека во 2022 година Владата одобрила средства од 15 милиони денари, а дополнително Општина Желино дала уште 960.000 денари, за да се реализира пат од 2 километри или 7.000 метри квадратни.

– Со тие потрошени средства од 15.960.000 денари поделено со километражата цената беше 37 евра по метар квадратен, а секаде се асфалтираше по 25-26 евра. За втората делница, добија околу 20 милиони денари, рекоа дека останатите 3.475 метри ќе ги асфалтираат. Почнаа со асфалтирање, но застанаа. Отидовме да разговараме, рекоа дека парите толку биле, и дека понатаму ќе треба дополнителни пари – вели Сибиновски на средба со новинарите од Тетово и додава дека е платена превисока цена за асфалтирањето.

Општина Желино во одговор на новинарските прашања за тврдењата на месната заедница вели дека се искористени сите средства според Основниот проект и поголемиот дел на проектот е квалитетно и навремено реализиран согласно проектна документација. Според нив останатиот дел што не е реализиран е затоа што немало доволно средства.

„Општина Желино ги почитува сите закони и прописи на Република Северна Македонија, и целата постапка за овој проект е базиран врз основа на позитивните законски прописи и поради ова сметаме дека констатациите на месна заедница на село Луковица се неточни. Имено, Општина Желино токму за овој проект има избирана понуда од понудувач кој нудеше најниска цена за овој проект, и истата Одлука за избор на понудувачот кој нудеше најниска цена е обжалена од страна на друг економски оператор кој исто конкурираше на овој Проект до Државна комисија за жалби по јавни набавки која ја потврди Одлуката од Општина Желино (Одлука бр. 09-291-6-2024 од 20.03.2024) која може да се види во веб страна на ДКЖЈН. Исто така сакаме да ве информираме дека се работи за проект кој се спроведува на планинско подрачје на кој и пристапот со механизација и условите за работа се потешки“, се вели во одговорот на Општина Желино.

Селото Луковица е единствено село со македонско население во Општина Желино.