Неговата литература е влезна порта за сите добронамерници кои преку книжевноста го откриваат светот и стигнуваат до Луксембург. И не треба да се минуваат ниту Франција, ни Германија, ниту пак Белгија. Вешто развиената фабула на неговите романи директно ве носи во Диделанж, Еш, Луксембург… Оваа мала европска држава е дом на Жан Бак, добитникот на Европската награда за литература за 2010 со романот „Аматер“ во издание на „Арс Ламина“ кој годинава престојуваше на Саемот на книгата во Скопје.
Каква приказна можеме да очекуваме од „Аматер“?
Оваа приказна е во исто време историска приказна, но и приказна што е вградена во денешнината. Се работи за фикција. Всушност искористив кратка приказна што ја имав напишано во училиште во 1971 година, тоа е период после студентските протести од 1968 година, што го опфати и Луксембург. Таа приказна во 2008 година ја претворив во роман.
Вие сте добитник на Наградата за литература на Европската Унија. Колку наградите се верификација за вложениот труд?
Најпрво бев изненаден кога ја добив наградата во 2010 година. Моето искуство со добивањето на оваа награда беше тоа што наградата пред се значеше промоција за мене. Односно, првиот бенефит од наградата беше што и даде мотив да продолжам да пишувам и понатаму, покрај малку пари што заработив. Меѓутоа втората работа, што е и најбитна, а што произлезе од оваа награда, е тоа што како резултат на наградата се создаде една мрежа – мрежа на писатели, уредници, земји. Бидејќи оваа моја мала приказна беше преведена на 6 јазици, па сега таа е присутна во земји како Бугарија, Унгарија, Германија, Србија, Албанија, еве и во Македонија. Како резултат на тоа луксембуршката литература стана достапна и во други земји. За мене тоа беше огромен мотив. И мислам дека оваа награда во целост ја исполни својата цел.
Од вашето искуство, што публиката најмногу сака да чита, што најмногу го привлекува вниманието на публиката?
Интересот на читателската публика во Луксембург главно е фокусиран на романи, романи врзани со идентитетот, културата, политиката. Во однос на младите автори, иако се уште немаат голема читателска публика, се појавуваат доста нови, млади имиња, но главно интересот е на теми поврзани со идентитетот на народот во Луксембург, ги интересираат и документарни книги. Во 1980-тите прв пат се појавија романи пишувани на луксембуршки јазик и тоа беше многу популарно, многу интересно за публиката, зошто ги привлекуваат теми како луксембуршка историја, култура и јазик.
Што е она што вие сакате да го читате?
Главно сакам да читам на германски јазик, сакам да читам германски автори, дури и продолжувам да пишувам на германски… Од време навреме, се навраќам и на класиците, но секако ме интересираат и новите автори кои пишуваат на германски. Секако ги читам и луксембуршките автори, посебно од помладата генерација. Морам да признам малку изгубив навика да читам на француски, но тоа е што е. Во последно време сум фокусиран на млади автори кои пишуваат на германски јазик. Скоро читав еден германско-хрватски автор, не можам да се сетам на името, но книгата навистина ми остави впечаток.
Што ново се создава, кои емоции и размисли ќе бидат следно ставени на хартија?
Имам една книга посветена на австрискиот поет Пракел, којшто е од Салцбург. Всушност, во 1978 година имавме направено филм за него, во 2015 година го посетивме семејството во Салцбург и добив инспирација да направам книга за него. Идејата ми беше да видам како неговата поезија функционира во денешното современие. Промоцијата на оваа книга ќе биде во Салцбург на 30 октомври. Работам и на книга на кратки и долги приказни на германски, кои што се веќе во фаза на уредување. Имам и книга со 28 приказни на луксембуршки, 2 романи – едниот за италијански мигранти (како и моето потекло) кои доаѓаат во Луксембург откако ги изгубиле родителите во земјотрес во 1980-тите години, и другиот за еден германски учител којшто доаѓа да живее и работи во Луксембург и како гледа на Луксембург низ очите на еден странец.