Лустрацијата потоа: Од неутрализација до зомбификација

Верувам малкумина чуле за Павлик Морзов, млад денунцијант од раните 30-ти години на Советска Русија. Павлик го заслужи почесното место во историјата на „мачеништвото“ во Советскиот Сојуз, како момче кое било доволно храбро да ја стави лојалноста кон државата на повисоко ниво од лојалноста кон фамилијата. Имено, Павлик го искодошил својот роден татко, поради што бил убиен од членовите на неговото семејство. Во 1933 година Максим Горки зборувајќи пред комунистичката младина за херојската смрт на младиот пионер Павлик ќе нагласи дека иако млад тој сфатил дека оној кој е род по крв, може да биде непријател по дух, поради што не смеел да биде поштеден. Култот на пионерот број 001 живеел се’ до осумдесеттите години на минатиот век, кога Павлик станува анти херој на руската интелигенција. Неговата биста прва паднала со падот на комунистичкиот режим заедно со споменикот на Феликс Джержински. Во 1993 година Фондацијата на Џорџ Сорос дала 7.000 долари да се отвори Павлик Морозов музеј од радикално нов вид – легендите да бидат ставени во нивниот вистински контекст. Колку и да е бизарна формата, музејот овозможил легендата за Павлик да живее и понатаму.

Ние немаме легенди во нивниот вистински контекст. Ние имаме реални луѓе, реални денунцијанти и нивни наследници, од кои сме на прав пат да создадеме легенди. Но, кои види, и не биле тоа. Тоа да ти биле „репресирани“ кодоши, кои државата ќе ги обештети за „неправдата“ што им била нанасена низ процесот на лустрација. Кој бил „целосно и недвосмислено потврдено политизиран“. А, штом тоа го изјавува, сега веќе поранешниот Премиер Заев, станува апсолутна вистина, која не може да се спори и докажува. Ниту низ правото, ниту низ историјата, ниту низ науката. Тоа е кога потребата за вистината ја загадувате со свесно одржуваната лага.

Само во Македонија џелатот може да биде и жртва, и спасител и просветител. И да биде амнестиран за злото што го креирал. Само Македонија, од сите земји на транзицијата од комунизмот кон демократијата, остана резистентна на вистината за злосторствата сторени од денунцијантите во име на комунистичката идеологија. Само Македонија е на пат да ги обештети „архитектите на злото“ кои се хранеа на несреќите на неистомислениците, стигматизирајќи ги и понижувајќи ги жртвите на една идеологија која беше основата на теророт, масовните кршења на човековите права и смртта на милиони луѓе во минатиот век. Дефинитивно низ постапките на оваа власт продолжуваме да го живееме нашиот историски егзодус.

Затоа во оваа држава антикомунизмот е нужен. Антикомунизмот и’ е потребен на оваа држава да ја покаже грдотијата на македонската транзиција и да укаже на нашата неспособност да се справиме со комунистичкото минато. Антикомунизмот е нужен да не се дозволи да се прикрие злото на комунизмотот и да им се даде простор на оние што го хранеле репресивниот режим на социјализмот со информации за неистомислениците да говорат за демократијата, во име на демократијата. Само низ антикомунизмот ќе се овозможи психолошко ослободување од минатото и почеток на ново поглавје во демократската историја на оваа држава. Кое никако да го почнеме.

Променивме име на држава, ја продадовме нашата историја, но не го променивме нашиот однос кон комунистичкото минато. Затоа не успеваме да изградиме демократска држава досега.

Конечно редизајнираните комунисти го покажаа своето вистинско лице. Паднаа маските. Очигледно лицемерно застанале зад Законот за „лустрација“ во 2008. Зашто ниту ги осудија злосторствата на комунизмот, ниту востановија ден во спомен на жртвите на комунизмот, ниту се приклучија кон европската иницијатива за чествување на 23 август, како ден на сеќавање на жртвите на национал социјализмот, комунизмот и другите тоталитарни режими.

Но, затоа го хибернираа музејот на жртвите на комунизмот и се на прав пат да ја поништат лустрацијата, како инструмент на транзиционата правда. Онака, брутално „комунистички“. Само да потсетам дека фундаментален европски принцип е да им се оддаде почит на жртвите на тоталитарните режими, а не на соработниците на тајната полиција кои биле директно или индиректно вклучени во репресиите. Затоа не ми зборувајте за Европа. Гротескно е кога велите дека ги споделувате вредностите на Европа, а во меѓувреме ги рехабилитирате „репресираните кодошите“.

И, до кога овој заглушувачки молк во македонското општество за лустрацијата. Дали свесно одбиваме во оваа држава да се поврземе со нашето минато од страв дека кога ќе загребеме подлабоко, вистинатата која ни се нуди нема да биде повеќе никогаш иста. Се прашувам кој сака во оваа држава да живее со лаги? Можеби оние кои власта ќе ги  рехабилитира и компензира. Кои вешто и подмолно го рециклираат злото на комунистичкото минато. „Светла“ иднина на обезличената држава со рехабилитирани „кодоши“.

Насекаде во државите на посткомунистичка Европа има потрага по „оригиналниот грев“ на комунизмот и неговите политички импликации. Секаде, само не кај нас. Зашто ниту историските наративи се огледала на нацијата кај нас, ниту историчарите се нејзини психоаналитичари. Уште помалку правдата и вистината живеат тука. Затоа ќе помине долго време додека комунизмот кај нас стане дел од историјата. Дотогаш ќе продолжиме да си живееме со злото на минатото, игнорирајќи го.

Да, за малку ќе заборавев. Она што е интересно околу приказната за Павлик се гласините за тоа како Стаљин реагирал на неговото денунцијанство. Неговите зборови биле: која мала свиња го искодошила сопствениот татко. Тоа е грдата вистина за денунцијанството. Нејзината зомбификација.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес