Синдикатите се против трупање административци во услови кога недостигаат контролори на летање и инженерско-технички кадар. Во македонската контрола на летање има вишок административци и недостиг на оперативци. Акционерското друштво во државна сопственост М-НАВ зачести со огласи за советници за кои основно барање е да немаат искуство. А, во компанијата врие.
– Преместуваат работници, примаат нови, по разно-разни, само не стручни критериуми. Како може на ќерката на една политичарка да и направат корекција на коефициентот и сега платата од 90.000 да ѝ скокне на 120.000 денари? И врз основа на што сестрата на друг политичар е префрлена во сектор со третина повисока плата, а да не ви кажувам како ја вработија, пред да се смени власта? И како во секторот за безбедност, преку ноќ, бројот на работници е дуплиран? А, таму се највисоки административните плати – вели вработен во М-НАВ za „Независен“, кој побара да остане анонимен.
М-НАВ не е буџетски корисник туку парите за работа ги добива од прелетите и од користењето на пистата, а му ги префрлува Еуроконтрол – Европската организација за безбедност и воздушна пловидба. Поради високите плати е во видокруг и на јавноста и на политичарите. Секторот за безбедност, кој има последен збор за безбедноста на опремата и на процедурите за работа, и врз кој е најголем притисокот за вдомување кадри, е со највисоки административни плати. Над нив се само оние на контролорите на летање, кои почнуваат од 90.000 и одат до 180.000 денари.
Во М-НАВ има околу 280 вработени, од кои околу 70 се опаративни контролори.