М-НАВ постапи добро со конкурсот за контролори на летање, смета Ковачевски

Управниот одбор  на М-НАВ постапи добро со тоа што го заврши конкурсот за контролори на летање онака како што бил започнат и како што бил евалуиран од страна на данските консултанти, оцени денеска премиерот Димитар Ковачевски.

„Уште во текот на минатата недела ги повикав тројцата директори од М-НАВ да дојдат и да реферираат на седница на Влада“, рече Ковачевски одговарајќи на прашањето што ќе преземе Владата по последните случувања со конкурсот на контролори на летање во М-НАВ.

Нагласи дека од тоа што директорите ќе го кажат на Влада ќе зависат следните чекори што ќе се преземат.

Раководството на М-НАВ АД Скопје вчера го прифати изборот на кандидати за обука за контролори на летање, предложен од Комисијата за избор и селекција и даде насоки за нивно вработување на определено време и упатување на школување. Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) кој изрази сомнеж дека има планови за поништување на огласот бидејќи не биле избрани кандидати блиски на менаџментот и на функционери, најави дека ќе бара одговорност за случувања со кои сметаат дека се нарушил кредибилитетот на нивната професија.

Од Упаввниот одбор на М-НАВ во петокот во соопштение наведоа дека „во ниеден момент немало ниту размислување, а уште помалку преземање дејствија за прекинување или поништување на Огласот, како што било наведено во некои изјави и медиумски натписи, а единствено е точно дека како раководство на оваа институција доследно се придржуваме кон нормативните акти“.