МНАВ ги смета за тенденциозни и без основа негодувањата на инженерите и инструкторите од компанијата откако вчера еден од тројцата директори на македонска навигација, Љубе Стаменковски и раководителите на одделот за информатички и надзорни технологии, на одделот за надзорни системи, на одделот за навигациски системи, на електро-енергетски системи и на одделението за воздухопловна техника Охрид, поднесоа оставки од раководните функции, незадоволни од изборот на кадри кои се вработени во секторот за техника.
„Согласно законот за работни односи и условите предвидени во систематизацијата се објавува оглас за инженери и техничари. Имено во систематизацијата на МНАВ за студент-инженер (приправник) пишува дека има диплома од електротехнички науки, 2 години работно искуство, лекарско уверение класа 4, познавање на англиски јазик (нивото на знаење не е наведено, што значи од А1-Б2). Интервју се спроведува доколку има двајца или повеќе кандидати кои ги исполнуваат условите за едно работно место. Во нашиот случај со инженери и техничари, имавме само по еден кандидат за сите 7 работни места. Важно е да се нагласи дека со договор овие услови се имплементирани во МНАВ пред 4 години, и за истото немаше негодување, стои во реакцијата на МНАВ.
Оттаму додаваат дека примените кандидати – двајца инженери и 1 техничар понатака ќе бидат на „он џоб“ тренинг за АТСЕП согласно програмата за обука која ќе трае една година.