Мајк Помпео во Охрид на средби со државниот врв

Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска пристигнува во Охрид каде што ќе има средби со претседателот Стево Пендаровски и со премиерот Зоран Заев.

Помпео пристигнува на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ по што е предвидено да оствари одделни средби со претседателот Пендаровски и со премиерот Заев.

На средбите во Охрид, како што информираа за МИА од Стејт департментот, Помпео уште еднаш ќе истакне дека Договорот од Преспа е исклучителен и храбар чекор на лидерите на Северна Македонија и на Грција за стабилизација и просперитет на регионот и за влез на земјата во НАТО и во ЕУ. Велат дека САД се фокусирани на Западен Балкан како стратегиски важен дел од идејата за обединета Европа и затоа државниот секретар Помпео ја комбинира повеќедневната официјална посета на регионот „за реафирмација на сојузништвото со 29-та (Црна Гора) и 30-та (Северна Македонија) членка на НАТО“.

– Северна Македонија е кандидат за членка на воената алијанса и учествува во мисиите на НАТО многу одамна, изјави официјален претставник на Стејт департментот, додавајќи дека деновиве се навршуваат 25 години од воспоставените дипломатски односи меѓу Вашингтон и Скопје откако земјата прогласи независност од поранешна Југославија.

Од Стејт департментот за МИА изјавија дека разговорите ќе се фокусираат и на безбедноста и можностите за економски развој на земјата. Една од темите ќе биде и дестабилизирачката улога на Русија во регионот.

Според протоколот, предвидено е секретарот Помпео да ја посети и црквата „Света Богородица Перивлепта“, што беше реновирана и конзервирана со средства обезбедени преку УСАИД, односно од американските даночни обврзници.

Помпео, кој е 70-ти американски државен секретар, посетата на регионот ја започна од Ватикан, од каде што замина за Црна Гора, а по посетата на нашата земја заминува за Грција.

Претседателот Стево Пендаровски посетата на американскиот државен секретар Мајк Помпео ја оцени како враќање на голема врата на САД во регионот.

– Се надевам дека тоа значи враќање на голема врата на САД во регионот затоа што е неспорно дека сите клучни предизвици од нашата независност до денес за нашата земја беа решени со голема поддршка од САД. И убеден сум дека преостанатите прашања во регионот кои се многу битни и можат да значат и регионална дестабилизација ако не бидат решение на задоволство на сите нас во регионот не можат да бидат решени ако САД директно не се вклучени во сите тие процеси, рече Пендаровски.

Безбедноста во Охрид е крената на највисоко ниво и низ градот е забележливо присуство на униформирани и неуниформирани полициски и службеници од државните безбедносни агенции.

Во согласност со препораките од Министерството за надворешни работи, отстранети се сите контејнери на трасата каде што ќе минува високата американска државна делегација и се одржува висок степен на хигиена во градот со дежурни екипи што постојано се на терен.

Мајк Помпео е втор државен секретар на САД што ја посетува нашата земја, по Колин Пауел во 2001 година, кога оствари средба со тогашниот претседател Борис Трајковски. Лани во земјава беше тогашниот секретар за одбрана Џејмс Матис.

Највисок американски претставник кој ја посетил земјава е претседателот Бил Клинтон во 1999 година, кога домаќин му беше претседателот Киро Глигоров.