На почетокот на месецов, 32 здравствени работници од Клиниката за нефрологија заболеа од Ковид-19, неколку од нив беа хоспитализирани. Досега не беше официјално објавено како се случило толкав број на медицински лица кои работат во иста институција да заболат во исто време.
Профил на Фејсбук со име Нина Стојановиќ, ја објави причината за кластерот. Таа обвини дека сестри и доктори во време на пандемија правеле мекици во ресторанот Баба Цана.
Фејсбук-статус на Нина Стојановиќ
„Денеска ја погребавме мајка ми, почина од Ковид. Цела година ја пазевме, бидејќи е во најризичната група (20 години оди на дијализа бидејќи нема бубрези, пред 4 години преживеа рак, а пред 2 години имаше тешка операција на срце), внуците цела година си ги гледаше на вибер. Знаевме дека допир со вирусов за неа е смртна пресуда.
На крај ја заразија таму каде што одеше секој втор ден за да преживее, на дијализа. И немаше да пишувам статус да не ја заразеа сестри и доктори кои во време на пандемија решија да прават мекици во Баба Цана и да направат кластер на Нефрологија.
Мене мајка ми нема никој да ми ја врати, ама сакав само да дадам ете еден мал придонес во истрагата. Пред да се зарази мајка ми читав дека ќе истражувале како се направил кластер, сега веќе не сум во тек што се случува и до каде е „истрагата“.
Знам дека никој нема да сноси последици како што никој за ништо не одговара во оваа држава, но морав да го напишам ова и да излезе од мене и конечно да ѝ кажам на мајка ми да почива во мир, сигурно е сега на поубаво место каде што веќе не ја боли ништо“.