МААЕ го осуди севернокорејскиот тест со хидрогенска бомба

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) го осуди тестот со хидрогенска бомба, извршен денеска  од страна на Северна Кореја, пренесоа американските медиуми.

Доколку биде потврден, тестот ќе претставува прекршување на резолуциите на Советот за безбедност на ОН и ќе биде достоен за жалење, изјави генералниот директор на МААЕ, Јукија Амано во својата изјава.

Амано ја повика Северна Кореја на целосно почитување на своите меѓународни обврски и изрази подготвеност Агенцијата што ја предводи да придонесе кон мирното надминување на прашањето на севернокорејската нуклеарна програма.

Експертите од Организацијата за сеопшта забрана на нуклеарните тестирања, меѓутоа, 90 отсто се убедени дека Северна Кореја извршила проба на атомска, а не на хидрогенска бомба, пренесе ТАСС, цитирајќи го рускиот постојан претставник во меѓународните организации во Виена, Владимир Воронков.

Експертите ова свое мислење го аргументираат со соодветно слабата моќност на експлозијата што била предизвикана со тестирањето.