Русија на Владимир Путин и натаму ќе биде „тежок партнер“ но дијалогот со Москва треба да продолжи за да се најде решение за меѓународните кризи, изјави во понеделникот германскиот министер за надворешни работи Хеико Маас.
„Путиновата Русија ’ќе остане тежок партнер’“, коментираше шефот на германската дипломатија Хеико Маас по доаѓањето на состанокот на министрите за надворешни работи на Европската унија во Брисел.
Оцени притоа дека „не може да се каже дека овие избори биле во целост рамноправна политичка трка“.
„Меѓутоа, Русија ни е потребна за изнаоѓање решение за големите меѓународни проблеми и затоа сакаме да го продолжиме дијалогот“, додаде Маас.
Нагласи, исто така, дека ЕУ ќе ја поддржи Велика Британија околу истрагата за нападот со нервен агенс на британска територија, врз поранешниот двоен руско-британски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија, поради наводна руска вмешаност.
Запрашан дали ЕУ разгледува какви и да се мерки против Русија, Маас изјави дека ЕУ ќе разговара за тоа прашање доколку Лондон тоа го побара.
Шефицата на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини, по доаѓањето на состанокот рече дека министрите за внатрешни работи на ЕУ ќе го сослушаат британскиот шеф на дипломатијата Борис Џонсон чиешто обраќање на состанокот е најавено. „Очекуваме единство“, рече алудијарќи на ЕУ.
По пристигнувањето во Брисел, Џонсон изјави дека руското „негирање во вмешаност во нападот е апсурдно“. „Тоа е класична руска стратегија… но повеќе никого не можат да измамат“, рече.