Мадрид сака да биде домаќин на мировна конференција за ставање крај на израелско-палестинската војна

Шпанскиот премиер Педро Санчез во средата изјави дека го поддржува мировниот предлог на шефот за надворешна политика на Евроспката унија, Жосеп Борел за меѓународно и заемно признавање на две држави, Палестина и Израел, додека неговата левичарска влада го нуди Мадрид како место за меѓународна конференција за негово спроведување.

„Сакам да испратам силна поддршка за работата на високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел. Решението за две држави и мировната конференција се рамката во која ЕУ работи со двете страни и со меѓународната заедница. Сакаме мир и безбедност за Палестинците, Израелците и сите народи на Блискиот исток“, порача Санчез преку социјалната мрежа Х.
додаде тој.

Социјалистот Борел, поранешен министер за надворешни работи на Шпанија, го претстави предлогот за конечно воспоставување мир, кој вклучува признавање на независноста на Палестина со главен град Источен Ерусалим и комбинираните области на Западниот брег и Појасот Газа, на средба на министрите за надворешни работи на 27-те земји од Европската унија во понеделник во Брисел. Тој план им го претстави на министрите на Израел и на палестинската управа. Шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Луис Албарес го понуди Мадрид како седиште на мировната конференција за да се спроведе идејата во практика.

Мадрид веќе беше домаќин на Блискоисточната мировна конференција во 1991 година, по што тогашниот договор меѓу Израелците и Палестинците беше постигнат во Осло во 1993 година. Белгија, која овој месец го презеде шестмесечното претседавање со ЕУ од Шпанија, го понуди Брисел како седиште на таа конференција за воспоставување конечен мир. Датумот на конференцијата не е одреден.

Израел го отфрли решението кое вклучува палестинска независност и рече дека ќе продолжи со воена операција против палестинското милитантно движење Хамас.

Шефот на шпансата дипломатија Албарес во средата ја започна турнејата на Блискиот исток во која ќе ги посети Ирак и Либан за да ја промовира идејата на неговата влада, обидувајќи се да го спречи можното прелевање на војната во тие земји.

 

Активисти поставија џиновска слика од рането палестинско дете

Во текот на четирите месеци војна, израелската армија убила 25.000 палестински цивили, од кои 70 отсто биле жени и деца, а околу 64.000 цивили биле ранети, според Обединетите нации.

Активистите за човекови права и заштита на животната средина во средата го покриваа влезот на музејот „Кралица Софија“ во Мадрид со џиновска слика на расплакано палестинско дете, повикувајќи на прекин на нападите врз Појасот Газа. Музејот „Кралица Софија“ е познат по изложувањето на сликата на Пабло Пикасо „Герника“, која го прикажува ужасот од германското бомбардирање на баскискиот град Герника за време на Шпанската граѓанска војна во 1937 година. Сликата стана симбол на сите времиња на военото уништување.

„Нема подобро место да се укаже на она што се случува во Појасот Газа“, рече Ева Салдања, извршен директор на Гринпис.

Активистите на Greenpeace и Unmute Gaza го покрија влезот со илустрација направена од американскиот уметник Шепард Фери врз основа на фотографија направена во Газа од палестинскиот фоторепортер Белал Калед.

На него се гледа расплакано дете со крвава глава. „Дали нè слушате?“ пишува на фотографијата. Под него е закачен транспарент со порака „Прекин на огнот, сега!“.

Некои од земјите на ЕУ, вклучувајќи ги Германија, Австрија, Унгарија и Чешка, во понеделникот не поддржаа „траен прекин на огнот“, туку само „пауза“ за испорака на хуманитарна помош. На другата страна се Шпанија, Белгија, Ирска и Луксембург, кои бараат „траен прекин на огнот“.

„Ситуацијата во Газа е очајна. Се соочуваме со хуманитарна катастрофа без преседан“, рече Салдања во обраќањето до медиумите.

Таа ја повика меѓународната заедница „итно и веднаш“ да ги запре израелските напади врз Газа. Претходно седмицава на тоа повика специјалната известителка на ОН за палестинските окупирани територии, Франческа Албанезе, која за време на нејзината посета на Мадрид, на шпанската национална телевизија изјави дека Израел „врши геноцид“ и „етничко чистење“ користејќи го бруталниот напад на Хамас од 7-ми октомври како изговор за „извршување кривични дела“.

Израелско-палестинскиот конфликт трае од 1948 година, со формирањето на Државата Израел при што резолуцијата на светската организација предвидува и формирање палестинска држава. ОН претходно предложија решение за формирање на две признати држави, Израел и Палестина, во границите од 1967 година, кои ќе живеат една до друга во мир и безбедност.