Венецуелскиот претседател Николас Мадуро ги повика во саботата вооружените сили да бидат подготвени во случај САД да се решат да започнат воена офанзива на венецуелската територија, додека опозицискиот лидер Хуан Гуаидо и натаму се обидува да ја привлече војската на неговата страна.
Мадуро во текот на инспекцијата на воена база во венецуелската сојузна држава Кохедес, на северозападот од земјата, ја повика војската да „биде подготвена да ја брани татковината со оружје во раката, доколку еден ден северноамериканската империја се осмели да ја нападне земјата, нејзината света почва“.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп настојува по секоја цена да го натера Мадуро власта да му ја предаде на Гуаидо. Американскиот државен секретар Мајк Помпео во средата рече дека „воената интервенција е можна“ и „доколку тоа биде потребно, САД тоа ќе го сторат“.
Војската и натаму му е лојална на Мадуро. Гуаидо, пак, сонародниците ги повика во саботата на „мирен“ марш кон касарните за да ги убедат војниците да го поддржат. Во вторникот и средата поттикна големи протести против владата поддржан од десетина војници и полицајци, во кои дојде до судир со полицијата, што венецуелската власт го оцени како обид за воен преврат поттикнат од Вашингтон. Протестите на приврзаниците на Гуаидо последните три дена загубија на интензитетот.