
Венецуелскиот претседател Николас Мадуро вели дека се надевал и се обидувал да воспостави односи со американскиот претседател Доналд Трамп, кого го обвинува дека ѝ наредил на владата на соседна Колумбија и на колумбиската мафија да го ликвидираат, но сепак порачува дека е отворен за разговор со него и со сите противници во земјата.
Во разговорот за руската новинска агенција РИА, Николас Мадуро ги отфрла повиците за предвремени избори, открива дека наредбата за апсење која ја најави венецуелското јавно обвинителство за опозицискиот челник Хуан Гуаидо сѐ уште не е издадена, и ветува дека Каракас во секој случај ќе им ги врати долговите на Кина и на Русија, којашто во 2006 година ѝ позајми на Венецуела 17 милијарди американски долари.
Соочен со најголемиот предизвик во својот шестгодишен мандат, 56 годишниот социјалистички лидер вели и дека вооружените сили сѐ уште му се верни, а дека зад него цврсто стои и рускиот претседател Владимир Путин.
Интервјуто на Мадуро доаѓа во периодот кога се интензивираат судирите за контрола над Венецуела, откако обвинителството, за чии постапки актуелниот претседател уверува дека се самостојни, отвори истрага која може да доведе до апсење на опозицискиот лидер Гуаидо, кој се самопрогласи за претседател и повикува на нови улични протести во кои минатата седмица животите ги загубија десетици луѓе.
САД и низа западни и латиноамерикански држави го признаа минатата седмица 35-годишниот Хуан Гуаидо за вршител на должноста претседател, а Русија, Кина, Индија, Турција и други земји застанаа зад Николас Мадуро.
Мадуро вели дека е подготвен на секое место и јавно да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, но истакнува дека тоа е тешко остварливо, бидејќи тоа се обидуваат да го спречат советниците на американскиот претседател.
„Нема сомневање дека Трамп го наредил моето убиство и им рекол на владата и на мафијата на Колумбија тоа да го спроведат… Доколку нешто ми се случи, а тоа ќе бидат одговорни Доналд Трамп и колумбискиот претседател Иван Дуке“, порачува претседателот на Венецуела.
Мадуро, пак, тврди дека во август минатата година преживеал обид за атентат, а денес вели дека е добро заштитен, што му гарантира долг живот. Ги отфрла коментарите дека наводно во Венецуела пристигнале неколку стотина припадници на руска воена приватна компанија кои ќе помагаат во неговата заштита.
Иако со тоа го повторува многупати изреченото тврдење кое критичарите го нарекуваат политички „спин“, постојат индиции дека САД планираат воено решение за Венецуела откако советникот на Белата куќа, Џон Болтон, во понеделникот на прес-конференција, случајно или намерно, дрежеше лост хартија на кој пишуваше „пет илјади војници во Колумбија“. Владата во Богота негираше, а Мадуро однесувањето на Болтон го оценува како „кловновско, детско … и провокација поради неговата омраза кон Венецуела“.
Мадуро ги отфрла повиците за предвремени избори, истакнувајќи дека неговата победа минатага година била праведна и покрај обвинувањата за наводни изборни измами и забрана за кандидирање на двајца ривали.
„… Се враќаме во времето на неоколонијализмот, кога од една европска престолнина, од Вашингтон, се мешаат во внатрешните работи на некоја земја во Азии, Африка, Латинска Америка, во Карипскиот басен, или на која и да е земја. Но кои се тие, сега да решаваат? Јас победив со 69 отсто од гласовите на избирачите. Победив легитимно, спроведовме избори со помош на транспарентниот електронски систем, со меѓународни набњудувачи. Не прафаќаме ултиматуми, не прифаќаме притисоци. Претседателските избори во Венецуела се одржаа, а доколку империјалистите сакаат нови избори, нека почекаат до 2025 година“.
Во однос на главните мотиви за обидот за негово соборување и носење на власт на десните политички сили, социјалистичкиот претседател на Венецуела смета дека тие лежат во богатството на неговата земја со природни ресурси.
„Има неклолку причини. Главната меѓу нив е да се дојде до венецуелската нафта, бидејќи ги имаме најголемите сертифицирани резерви на нафта во светот. Ние ќе докажеме и дека имаме и најголеми резерви на злато во светот, поседуваме четвртина од светските резерви на природен гас, имаме големи резерви од дијаманти, огромни резерви од вода за поење, алуминиум, железо. Моќни сме во областа на енергетските и природните ресурси.
Но има еден момент кој мора да се земе предвид и кој е постар повеќе од 200 години. Венецуела е земјата каде што е роеден (левичарскиот и лидер на латиноамериканското движење за ослободување од колонијалниот статус, Симон) Боливар, тука е најголемата боливарска традиција. Нашиот револуционерен проект во текот на 200 години влијаеше на Латинска Америка и карипските земји. Тие сакаат во коренот да ги уништат духот на Симон Боливар. Тоа е втората голема причина, да се стави крај на тој дух…. Но ние нема да прифатиме да бидеме нивно двориште“, вели Мадуро.