Маестро Александар Џамбазов ќе биде погребан во петок, ќе се одржи и комеморација

Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ и МРТ ја известуваат јавноста дека на ден 28.01.2022 (петок), ќе се одржи Комеморација во чест на македонскиот композитор и диригент Александар Џамбазов.

Комеморацијата ќе се одржи во Фоајето на Националната опера и балет во 10 часот, а неговото последно испраќање на градските гробишта во Бутел во 12 часот. Александар Џамбазов почина на 25.01.2022г. на 85 годишна возраст.

Александар Џамбазов е истакнат македонски композитор, диригент, општествен деец, долгогодишен член на СОКОМ, еден од втемелувачите на македонската популарна и детска музика. Неговата уметничка сестраност и многуслојна дарба ја манифестирал не само занимавајќи се со многу уметнички дисциплини, туку и протегајќи го своето творештво во сите музички жанри, вклучувајќи ја и класичната музика. Во делото на исполнителската уметност во македонската музичка историја ќе остане забележан како еден од основоположниците и долгогодишен раководител и диригент на Тнацовиот и Ревискиот оркестар на Македонската радио телевизија. Неговото име најдиректно е врзано и со покренувањето и опстојувањето на Скопскиот фестивал на забавна музика и еден од најстарите музичко-детски фестивали во Европа, Фестивалот на детски песни „Златно славајче“.

Во делот на творештвото, Александар Џамбазов ја задолжи македонската музичка култура со неколку стотини композиции и аражнмани и со 1450 студиски снимки со голем број ансамбли, секако најмногу со оние во рамките на Македонската радио телевизија. Добитник е на голем број стучни, домашни и меѓународни награди и општествени признанија, меѓу кои 11 октомвриската награда, наградата „13 ноември“, наградата за животно дело „Трајко Прокопиев“ на Сојузот на композиторите на Македонија.