Ирак нема да дозволи подолго останување на американските војници на својата територија, изјави ирачкиот премиер Адел Абддул Махди во средата по состаникот со американскиот министер за одбрана Марк Еспер кој рече дека САД го почитуваат суверенитетот на Ирак и војниците ќе минуваат само со одобрување на официјален Багдад.
Ирачкиот премиер Адел Абдул Махди по средбата со американскиот министер за одбрана Марк Еспер го повтори претходниот став дека на американската војска којашто се повлекува од соседна Сирија ќе ѝ биде дозволено да минува низ Ирак само во транзит, но не може да се задржуваат без дозвола на ирачките власти.
Ирак „ги презема сите меѓународни правни мерки“ за да осигури американската војска да ја напушти државата, соопштија од кабинетот на Махди. Во соопштението се наведува и изјавата на Еспер дека САД го почитуваат ирачкиот суверенитет и дека американските сили влегуваат во државата само со одобрување на Багдад.
Еспер претходно рече дека американските војници при повлекувањето од Сирија ќе одат во западен Ирак за да се борат против Исламската држава и да „помогнат во одбраната на Ирак“, а таа изјава ја повлече во вторникот, кога истакна дека целта на Вашингтон е враќање на војниците во САД.
Американската војска влезе во Ирак во 2003 година и остана таму до 2011 година и е многу непопуларна во поголемиот дел од земјата. Махди минатите седмици беше соочен со насилни протести против корупцијата, поради што не му преостана политички капитал за одбрана во врска со ангажманот на САД.