Маја Морачанин е нова претседателка на ДОМ

Денес се одржа Четвртиот Конгрес на ДОМ под мотото „Зелени вредности – трајна визија“ со 300 делегати. Беше избран новиот состав на Централен и Надзорен одбор на ДОМ, а за претседателка на ДОМ едногласно беше избрана пратеничката Маја Морачанин. Заблагодарувајки се на довербата, таа ја истакна убеденоста дека со тимска работа, преку соработка со граѓанските здруженија и Европските Зелени, ДОМ ќе има успешна иднина.

На Конгресот се обрати и досегашната претседателка Лилјана Поповска која го искажа задоволството што ДОМ е денеска, по 12 ипол, стабилна партија која го заокружи целиот циклус од иницијатива преку идеолошко профилирање како зелена партија, до полноправно членство во Европските Зелени. Им се заблагодари за соработката на колегите и изрази силно уверување за натамошниот напредокот на ДОМ во иднина, зашто има извонредни кадри, искрено посветени на зелените вредности.

На конгресот присуствуваа претставници на Владата, пратеници, претставници од политичките партии од Македонија (СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ЛДП, Демократски сојуз, Обединети за Македонија, ВМРО-НП, ПЦЕР, ПОЕН, Демократски сојуз на Власите, Демократски сили на Ромите, Партија на пензионерите, ПЕП 21), од зелените партии од Грција, Бугарија и Србија, претставници од невладиниот сектор и од дипломатскиот кор.

Преку видео порака на присутните на Конгресот им се обрати и копретседателот на Европската зелена партија, Рајнхард Бутикофер. Конгресот го поздравија: првиот човек на грчката зелена партија Манолис Вемис, копретседателот на бугарските зелени Борислав Сандов, потпретседателката на Зелена странка од Србија Бранислава Јевтиќ, министерот од ЛДП Зоран Шапуриќ, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев, претседателката на ПЕП 21 Билјана Јовановска, претседателот на ПОЕН Рубин Земон и претседателот на  ПЦЕР, пратеникот Самка Ибраимовски.

На Конститутивната седница на Централниот одбор на ДОМ што се одржа по завршување на Конгресот, беа избрани четири потпретседатели на ДОМ: Мирослав Богдановски, Бети Дејанова, Христа Најданов и Ана Петровска. За секретар на ДОМ беше избран Љупчо Јаневски.