„Македокс“ ќе се одржи од 14 до 20 јуни со мото „Природно“.
На првата прес-конференција по повод петтото издание на Фестивалот за креативен документарен филм „Македокс“ беа најавени филмовите по категории, термините и локациите за проекциите, фестивалските гости, работилниците и комисиите што ќе одлучуваат за доделување на наградите. Фестивалот ќе се одржи од 14 до 20 јуни во Куршумли-ан и во Младинскиот културен центар со мото „Природно“. Покрај веќе стандардниот термин за разговор со гостите „Под смоквата“, годинава во програмата се воведува и „Утринско доку-кафе“ во МКЦ, замислено како серија мастер-класови на режисерите, чии филмови ќе бидат дел од филмската програма, во терминот од 10.30 до 12 часот секој ден од 15 до 20 јуни.
„Со петтото издание на Македокс ќе се обидеме да се сетиме, потсетиме и осетиме што значи ПРИРОДНО. Природно, повторно во прекрасниот амбиент на Куршумли-ан и Младинскиот културен центар. Ги задржавме истите програмски целини и истиот број на проекции, а ја проширивме дополнителната програма. Ваквиот раст ни доаѓа некако природно. Оваа година имавме околу 380 пријавени филмови од 64 земји во светот, што секако зборува многу за поставеноста на Македокс на светската документарна мапа“, рече Киријана А. Николоска, директорка на „Македокс“.
Филмската програма ќе се одвива во стандардните термини и категории за награди. Вечерните проекции во МКЦ ќе започнуваат во 19, додека главната програма во Куршумли-ан ќе започнува во 21 часот. Новитет се пладневните проекции во 12 часот во Младинскиот културен центар.
„Оваа филмска година во Македонија ја одбележа светскиот конгрес на ФИАФ кој што го организираше Кинотеката на Македонија. Случајно или не оваа година ќе имаме можност да проследиме исклучителни дела направени од архивски материјали и во тој контекст организираме работилница за креативна употреба на архивската граѓа. Исто така, ќе имаме можност да проследиме повеќе филмови во кои главни карактери се млади луѓе. Многу се радувам што оваа година имаме исклучителни студентски кратки филмови од Македонија, што некако природно кореспондира со подемот на балканскиот доку-филм. Исто така, имаме жири составено од студенти и имам нескриена желба во иднина истите овие млади луѓе да ги доживееме на големото платно со долгометражни документарни форми“, образложи Петра Селишкар, селекторка на филмската програма на „Македокс“.
Во рамките на фестивалот се предвидени две работилници. Работилницата за „Креативна употреба на архивски материјали во документарните филмови“ ќе ја водат Ноеми Скори од Израел и Мира Турајлиќ од Србија, додека работилницата за „Филмска продукција“ ќе ја води Катриел Скори од Израел.
Гости на фестивалот ќе бидат реномирани автори од Балканот, од Шпанија, Израел, Германија, Холандија…
Во фестивалската програма е предвидена и ретроспектива на значајниот словенечки кинематографер и режисер Карпо Година, претставник на југословенскиот филмски „Црн бран“.
„Оваа година повеќе внимание ќе посветиме на балканската документаристика која што забележува значителен подем. Во тој контекст ќе организираме утринско кафе со старите и нови сили на балканската документаристика во МКЦ од 10.30 часот наутро. На 15 јуни ќе имаме можност одблиску да го запознаеме плодниот доку-автор од 70-тите години, Карпо Година, на 16-ти ќе пиеме кафе со младиот словенечки автор Матјаж Иванишин, на 17-ти ќе се сретнеме со српската авторка која што работи во Берлин, Марта Попивода, на 18-ти ќе имаме можност да пиеме кафе со хрватската Холанѓанка Татјана Божиќ, на 19-ти ќе се дружиме со младиот автор од Србија Младен Ковачевиќ и на 20-ти одблиску ќе дебатираме со хрватскиот тандем, Небојша Сљепчевиќ и Вања Јамбровиќ. Традиционално и оваа година патувачкото кино на Македокс ќе се одржи во втората половина на месец август. Од 16-28 август караванот ќе продефилира низ 10 села на Демирхисарскиот регион“, објасни продуцентот на „Македокс“, Бранд Ферро.
Фестивалското жири за наградата „Кромид“ е во состав: Карпо Година, Катриел Скори и Роберто Блат.
Фестивалското жири за наградата „Млад кромид“ е во состав: Адмир Чулумаревиќ, Анѓелка Ненезиќ и Владан Петковиќ.
Фестивалското жири за наградата „Кокарче“ е во состав: Бранко Аврамовски, Лидија Мојсовска и Светислав Подлешанов.
Комисијата за наградата „Етички идеи“ е во состав: Братко Бибич, Ана Јовковска и Стефан Сидовски.
Фестивалот за креативен документарен филм „Македокс“ и патувачкото кино се поддржани од: Националната фондација за демократија од Вашингтон, Амбасадите на САД, Холандија и на Шпанија во Скопје, Министерството за култура на РМ и Агенцијата за филм на РМ, Градот Скопје и Канцеларијата на ЕУ во Скопје.