Македонците далеку од просекот на потрошувачка во ЕУ

Три години по ред куповната моќ на македонските граѓани е околу 40 отсто од европскиот просек. На таа листа под нас е само Албанија, покаќжуваат последните податоци објавени од Евростат.

Од регионот Бугарија е на последното, а Хрватска на претпоследното место на листата од земјите членки на ЕУ.

Куповната моќ на граѓаните на Турција е во постојан пораст, па тие се пред четири членки на ЕУ и речиси пред сите земји од Југоисточна Европа. Просечниот граѓанин на Турција, според податоците на Евростат, има поголема потрошувачка (64 проценти од просечен ЕУ-граѓанин) од граѓаните на Унгарија (63), Романија (61), Хрватска (59), Црна Гора (56), Бугарија (53), Србија (46), Македонија (41), БиХ (41) и Албанија (37).

Сите нови членки на ЕУ, со исклучок на Хрватска, ја намалуваат разликата во однос на развиените земји. Луксембург веќе неколку години е на врвот на овие рејтинг листи со потрошувачката по жител за 32 проценти поголема од просекот во ЕУ. Следуваат жителите на Германија, Австрија, Британија, Финска, Данска, Франција и жителите на другите постари членки на Унијата.