3.8 C
Skopje
недела, декември 15, 2024

Македонците најмногу се возат со автомобил, најмалку со воз

Според податоците на Евростат, 82,9% од целокупниот патен патнички сообраќај во ЕУ во 2016 година се одвивал со автомобили. Бројот на изминати километри во патничкиот сообраќај покажува дека туристичките автобуси во меѓуградскиот и меѓународниот превоз, како и автобусите и тролејбусите во јавниот превоз, имаат удел од 9,4% од остварениот патен превоз во земјите – членки на Европската Унија. Возовите оствариле 7,7% од вкупните изминати километри во патниот патнички сообраќај, но треба да се земе во предвид и фактот дека во некои земји, како што се Кипар и Малта, воопшто не постои железнички транспорт.

За разлика од ЕУ, податоците на Државниот завод за статистика на Македонија покажуваат дека автомобилите се најдоминантно превозно средство во земјава со 77% од вкупните патнички километри изминати во 2016 година. Бројот на автомобили во земјава забрзано се приближува до европскиот просек, и речиси е сигурно дека ќе го достигне во текот на следниве неколку години.

Од друга страна, автобускиот превоз во земјава учествувал со дури 22,1% од вкупните патнички километри изминати во патниот превоз. Овие бројки се за речиси 2,5 пати поголеми од европскиот просек, што првенствено се должи на неразвиеноста на нашата железница. Во 2016 година во Македонија само 0,9% од патничките километри биле остварени од железничкиот сообраќај.