Поддршката за членство на Македонија во ЕУ е се уште голема и непроменета во споредба минатата година. Факторот „промена на името“ на државата кај значителен дел од граѓаните е влијателен при нивната поддршка за евроинтеграцискиот процес. Мнозинство граѓани поддржуваат влез во ЕУ без отстапки за името на државата – 58,8%, додека близу една четвртина поддржуваат влез дури и со отстапки за името 23,8%. Членството на Македонија во ЕУ не го подрржуваат 13,6% од испитаниците.
Ова се резултати од теренското истражување на јавното мислење за ЕУ интеграцијата на Македонија направено во периодот од февруари до март оваа година на 1.603 испитаници на македонски и на албански јазик во рамки на проектот „Граѓанска мрежа за спречување на конфликт на интереси во јавната администрација“ што го спроведува Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје (ИДСЦС). Проектот е финансиран од ЕУ и имплементиран од страна на ИДСЦС, Институтот за економски стратегии и меѓународни односи „Охрид“ (ОИ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ).
Мнозинство граѓани, според истражувањето, перцепираат стагнација во ЕУ интеграцијата во споредба со март 2014 година. Намалена е перцепцијата дека Македонија напреднала во процесот на ЕУ интеграција, а зголемен е процентот на испитаници кои сметаат дека воопшто не напреднала или се случило назадување. Во 2014 најголем дел од испитаниците сметале дека Македонија донекаде напреднала, додека во 2015 година најголем број испитаници сметаат дека Македонија малку или воопшто не напреднала – вкупно 57,3%.
Постои значителна разлика во споредба со 2014 околу перцепцијата за подготвеноста на Македонија за членство во ЕУ. Додека минатата година граѓаните беа речиси поделени по ова прашање, во 2015 мнозинство граѓани сметаат дека Македонија не е подготвена за членство во ЕУ – 57,2%. Овој став е најраспространет кај младите меѓу 18 и 29 години.
Меѓу 2014 и 2015 се бележи мал пад на мислењето дека главната причина за тоа што Македонија се уште не е дел од ЕУ се соседните држави. Во март 2015, 43,8% од испитаниците сметаат дека главната причина се соседите. Ова мислење е се уште најраспространето меѓу граѓаните.
Најголем дел од етничките Македонци сметаат дека главната причина за тоа што Македонија не е дел од ЕУ се соседите 46,1%, а истото го мислат и 37,2% од етничките Албанци. Мнозинство Албанци сметаат дека главната причина е неостварувањето на домашните реформи – 50,3%, а истото го мисли и нешто повеќе од една четвртина од испитаниците Македонци – 26,7%.
Извор: МИА