Македонците се меѓу најнеинтелигентните во Европа

Контроверзна мапа на интелигенцијата во Европа од 2019 година покажува дека Македонија е на дното заедно со Албанија, со IQ-коефициент од 82, додека просекот во развиените земји е околу 100.

Научниците Ричард Лин и Дејвид Бекер од Институтот Улстер го базирале истражувањето врз база на податоци од успесите на студентите во секоја земја, а откриле дека IQ-то е голем показ за тоа колку напреднал образовниот систем во таа земја во последните 50-60 години, пишува блогот ЈакубМариан на кој беа објавени анализите од книгата „Интелигенција на нациите“.

фото: реддит

IQ-то не е мерило на вродената интелигенција, но кажува сè за образовниот систем

Со други зборови, Лин и Бекер откриле дека коефициентот на интелигенција не ја мери вродената или генетска интелигенција на луѓето, туку колку нивниот ум бил истрениран да мисли од образовниот систем за да може да ги реши IQ-тестовите кои се скроени по образец на тој систем. Квалитетот на образованието тука е клучен, но, според нив, битно е колку и од која возраст луѓето имале пристап до него, а во сиромашните земји тој број е помал. На пример најниските коефициенти од 69 се во субсахарска Африка, а највисоките од 105 поени во североисточна Азија.

Добро, значи не сме поназад по интелигенција од светот, но образованието ни е катастрофа.

Но, тука доаѓа во игра и еден друг фактор: во последните 50-60 години образованието сепак се подобрувало во сите земји, па лице кое ќе постигне 100 поени на модерен стандарден тест за интелигенција би постигнал околу 120 поени на тест за интелигенција од 1950 година. Ова се нарекува „ефектот на Флин“. Па така, нашинец со IQ од 82 би постигнал натпросечни поени пред 50 години, но тоа не е меродавно денес.

И во просек пак сме под европскиот просек

Но, тоа било во 2019 година. Како котираме во некој просек низ годините? Според мапа на Ричард Лин и неговиот колега Ванханен од 2012 година, жителите на Македонија имаат IQ од 91, но со ѕвездичка, под која се вели дека резултатите се направени само врз база на студентски трудови, а и дека можна е статистичка грешка од неколку процентни поени. Соседна Албанија повторно има 82 поени, а скоро ниеден од соседите не се доближува до просечните европски 100 поени.

Мапата е објавена во книагата „Интелигенција: Обединувачка конструкција за општествените науки „од Лин и Ванханен. Тие користеле и споредувале општи податоци за IQ-факторот во секоја земја со резултати од тестови како ПИСА, ТИМСС и други.

Еве ја мапата од 2012 година за просечната „памет“’:

фото: твитер

Скалата има лимит до 100, а без лимит некои ЕУ-земји ќе одат и до 110

„Коефициентот на интелигенција обично се нормализира на таков начин што просечниот коефициент на интелигенција на целата популација е 100. Лин и Ванханен користат поинаков пристап и ги пресметуваат резултатите на коефициентот на интелигенција во однос на вредноста за Обединетото Кралство, што тие поставено на 100. Дури потоа се применуваат прилагодувања врз основа на проценките од трудовите на студентите“, пишува за трудот од 2012 година на блогот ЈакубМариан кој редовно објавува интересни статистики на ниво на Европа.

А потоа се вели:

„Ова го прави просечниот коефициент на интелигенција на повеќето високоразвиени нации блиску до 100, што изгледа сосема природно од европска и северноамериканска перспектива. Кога би се користела буквалната дефиниција (каде што вкупниот просек, вклучувајќи ги учесниците од земјите од третиот свет, е поставен на 100), многу европски земји би постигнале над 110“.

Да се мери IQ-коефициентот е расистички?

Сепак, науката не е едногласна за работата на Ричард Лин. Некои го сметаат за контроверзен психолог и расист бидејќи во своите книги тврди дека белите Европејци се попаметни од Африканците, а на многумина не им се допаѓа фактот дека во неговите студии Азијците секогаш се најпаметни.

Можеби најинтересниот дел од неговата теорија за „Флин ефектот“ е дека подобрената исхрана во земјите од 1930-тите до денес е главната причина за скокот на IQ-то во светот, а дека тоа пак придонело земјите да почнат да се развиваат. Мрачниот дел догаѓа кога Лин вика дека сепак луѓето со ниско IQ ќе надвладеат со светот и се закана за Западната цивилизација бидејќи докажано имаат поголема плодност, односно создаваат повеќе потомство.