Македонците се најнесреќни на Балканот

Со освоеното 89. место меѓу 146 земји опфатени со истражувањето, Македонија е убедливо најнесреќната земја во регионот според „Извештајот за среќа во светот“ (World Happiness Report), публикација на Мрежата за решенија за одржлив развој на ОН која се базира на податоците од глобалните анкети од луѓе во околу 150 земји.

Сите поранешни југословенски републики се далеку пред Македонија, и тоа Словенија на 22. место, Србија на 43., Хрватска на 47., Босна и Херцеговина на 67. и Црна Гора на 75.

Минатата година Македонија стоеше уште полошо според индикаторите за среќа, како очекуваниот животен век, социјалната заштита, корупцијата и други, кога беше 94., но и тогаш беше далеку зад Словенија на 29. место, Србија на 48., Хрватска на 60., БиХ на 64. и Црна Гора на 70.

Финска по петти пат е најсреќна земја на светот, годинава пред Данска, Исланд, Швајцарија, Холандија, Лукесмбург, Шведска, Норвешка, Израел и Нов Зеланд.

Најнесреќна земја во светот, според ОН, е Авганистан, а веднаш над него е Либан.

Првиот светски извештај за среќата е објавен во 2012 година.