Македонците со итрина се вакцинираат во Србија

Откако вчера како од топ одекна информацијата од македонското Министерство за здравство дека мала количина вакцини против ковид-19 од „АстраЗенека“ ќе пристигнат дури следниот месец во земјава, голем број наши сограѓани почнаа да бараат начини како да се вакцинираат во соседна Србија.

И покрај тоа што официјалниот став на властите во Србија е дека засега само лица со српско државјанство можат да се пријават за вакцинирање, сепак на српскиот портал Е-Управа постои можност да се пријават граѓани кои се странски државјани и кои немаат престој во таа земја.

Важен услов е апликантот да има српски телефонски број, бидејќи српскиот Институт за јавно здравје на тој број ќе му испрати СМС порака за терминот за вакцинација. Како што дознава Плусинфо, македонските државјани кои аплицираат за вакцинирање во Србија бараат помош од нивните пријатели и роднини во соседната земја со цел да стигнат до вакцина.

Исто така, сите оние кои аплицираат за вакцина во Србија имаат можност преку електронската апликација да изберат со која вакцина сакаат да се вакцинираат: „Фајзер“, „Модерна“, „АстраЗенека“, „Спутник 5“ или „Синофарм“.

Лидерот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоиљковиќ, за Плусинфо тврди дека голем е бројот на македонски граѓани со српско државјанство кои се заинтересирани да ја примат вакцината против ковид-19 во Србија.

– Јас лично ќе одам во Србија да се вакцинирам против ковид-19. Има голем број припадници на српска националност во Македонија кои се снаоѓаат и одат да ја примат вакцината во Србија. Исто така, голем број Македонци притискаат да им се овозможи вакцинирање во соседната земја, бидејќи се свесни дека кај нас ќе доцнат вакцините. Јас можам да ви кажам дека и кај нас во партија само за тоа се зборува. Во изминативе денови постојано ни ѕвонат телефоните и луѓето бараат од нас информација за тоа како можат да се вакцинираат во Србија – вели Стоиљковиќ.

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, вели дека засега не е забележано масовно вакцинирање на кумановци во Србија, со оглед на тоа што голем дел од тамошното население има српски корени.

– Засега немаме забележано такви појави, но ние сме должни да ги следиме препораките коишто доаѓаат од надлежните државни органи и институции, а во однос на личното здравје, секој граѓанин има право да користи здравствени услуги според личните убедувања. Како и да е, во моментов немаме забележано нешто такво – истакна Димитриевски.

Пејачот Марко Маринковиќ-Слаткар, пак, вели дека и покрај тоа што може да го искористи правото за вакцинација во Србија, сепак нема да го направи тоа и ќе ги чека вакцините да пристигнат во Македонија.

– Јас сум роден тука, овде сум израснат и нема зошто да одам во Србија да се вакцинирам. Секако, имам можност да го направам тоа, но јас не припаѓам во ниту една ризична група, па затоа ќе им го препуштам моето место на оние кои се загрозени. Јас ќе чекам да дојде мојот ред овде, кога и да се случи тоа, ако е потребно ќе чекам уште една година. Но, ниту јас, ниту мојата сопруга, ќе одиме во Србија на вакцинирање – изјави Слаткар за Плусинфо.

Српски „Блиц“ објави дека во Србија досега се вакцинирале над 4.000 странски државјани и дека за сите нив вакцината е бесплатна.