Македонец од Австрија и Србин шверцувале артефакти

Србин и Македонец од Австрија се уапсени поради шверц на артефакти, кои се обиделе да ги изнесат од земјава. Станува збор за С.Г. (47) од Србија со живеалиште во село Марвинци, валандовско, како и за М.Ј. (51) македонски државјанин со живеалиште во Виена, Австрија.

СВР Куманово до ОЈО Куманово поднесе кривична пријава против двајцата поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело „изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости”.

Според полицијата, шверцерите биле уапсени во петокот на граничниот премин Табановце. Тие со автомобил „волво С80“ со австриски регистерски ознаки околу 3.30 часот се пријавиле за излез од Македонија. При тоа му бил извршен претрес на Србинот, сопатник во возилото, а кај него се пронајдени 20 антички монети, едно античко копче. Веднаш потоа било претресено и возилото во кое се пронајдени 47 римски пари, и други археолошки артефакти- еден прстен, една нараквица и археолошки предмет од глина, десет археолошки монети – артефакти, метален етнолошки рулет и една хартиена паковка со девет археолошки монети артефакти, три метални броша, две парчиња археолошки предмети – дел од вага и две парчиња македонски археолошки монети артефакти.

Полициските службеници при ГП Табановце ги уапсиле двајцата осомничени и со потврда за предавање на лица се предадени во СВР Куманово за понатамошно постапување. На местото каде се пронајдени предметите на ГП Табановце, од страна на стручни лица од Научната установа Музеј Куманово и двајца археолози е извршен преглед при што е констатирано дека предметите се културно наследство или природни реткости со непроценета вредност.

Со претходно обезбедена судска наредба од страна на полициските службеници при СВР Струмица е извршен претрес во домот и помошни простории на С.Г. при што се пронајдени и околу два килограми непозната растителна материја, најверојатно марихуана и неколку стари монети и други предмети. Дополнително, по консултација со ОЈО Куманово одлучено е одземените предмети да бидат сместени во просториите на СВР Куманово се до издавање Наредба од Национална установа Археолошки музеј на Македонија-Скопје, кој ќе изврши процена на оригиналноста на уметничките предмети.