Македонскиот државјанин, кој е еден од повредените во судирот на 36 возила на автопатот Загреб – Белград во Србија, вели дека со семејството патувале од Италија на годишен одмор во Македонија кога се случила несреќата, пишува српскиот весник „Вечерње новости“.
„Се’ ме боли, во шок сум. Каде е жена ми? Каде е син ми? На идната снаа и’ ја ампутираа ногата“, испрекинато низ солзи говори Никола Ристов, додека лежи во приемното одделение на Ургентниот центар во Белград, пишува весникот.
Докторите му одговориле дека неговите блиски се живи и здрави.
„Одевме од Италија за Македонија на годишен одмор. Мојот син Сашко возеше, сопругата седеше напред покрај него, а позади мојот друг син, снаат Италијанка и јас. Стоевме кога одеднаш одзади не удри некој џип, мислам дека беше со швајцарски таблички“, раскажува Ристов за весникот.
Тој вели дека возилото што ги удрило буквално ги сплескало. Сите успеале да се извлечат, освен девојката која од нагмечениот автомобил ја извлекле пожарникарите. По приемот во болница и’ бил ампутиран дел од ногата.
Српската министерка за здравство Славица Ѓукиќ Дејановиќ по несреќата ги посети повредените сместени во белградските медицински центри.
Во несреќата беа повредени уште двајца македонски државјани. Во верижниот судир што се случи во неделата раноутро загинаа две лица, а вкупно 20 беа повредени.