Во Тирана денеска продолжува работата на меѓувладините групи и стопанските комори на земјите членки на Отворен Балкан со фокус на менаџирање и брза реакција при катастрофи и несреќи, при недостаток на храна и при енергетска криза.
Во услови на светска економска и енергетска криза, регионалното поврзување со цел поголема енергетска стабилност е најголемиот фокус на Владата на Македонија, а истата цел ја делиме и со нашите партнери и пријатели од регионот. Наш заеднички приоритет е регионално енергетско поврзување, зголемување на енергетските капацитети како и безбедно и стабилно снабдување со енергенси кои се достапни за нашите граѓани.
Трите држави се согласија дека обезбедувањето храна во услови на светска криза претставува предизвик и приоритет поради што Македонија, Србија и Албанија создаваат механизми за меѓусебно помагање.
Дополнително во организација на министерката за земјоделство на Албанија Фрида Крифца, денеска во Тирана ќе се одржи средба на претставниците на трите држави со албанските откупувачи и дистрибутери со цел да се разгледаат нови можности за увоз и извоз на шеќер, масло, брашно и сол во регионот по услови кои се поволни за македонската, српската и албанската економија.