Македонија денеска ги пречекува Дејан Георгиевски и олимпиското сребро на плоштадот во Скопје

Македонскиот олимпиец Дејан Георгиевски и освоениот сребрен медал во Токио денес доаѓаат во Македонија.

Главниот пречек за новиот спортски херој ќе се одржи во 19:30 часот на плоштадот во Скопје, веднаш во Триумфалната порта.

-Утре (четврток) 29.07.2021 со почеток во 19:30 часот на плоштад веднаш до триумфалната порта Македонија да го пречекаме нашиот јунак, нашиот херој, нашиот олимписки сребрен медалист Дејан Георгиевски. Ве очекуваме во што поголем број, плоштадот да ни биде тесен, да покажеме што значи ова момче за Македонија, да покажеме што значи Македонија. Сите оние кои што сакаат да не’ пречекаат и на аеродром, можат да дојдат во 14:30 часот. Се гледаме утре на плоштад, 19:30 часот, порачаа вчера од таекводно федерацијата.

Во видео пораката која Георгиевски ја испраќа, ги повикува сите граѓани да дојдат во што поголем број и заеднички да го прослават историскиот успех во македонскиот спорт и сребрениот олимписки медал.

Тренерите на новата македонска гордост се откажаа од паричната награда која Владата одлучи да им ја додели на последната седница.

-Владата доделила 20.000 евра за македонската спортска икона Дејан Георгиевски и 10.000 евра за тренерите. Мојот брат д-р Борче Костовски и јас како тренери на олимпискиот сребрен медалист Дејан Георгиевски, апсолутно се откажуваме од премијата што е доделена за нас, секако таа целосно треба да биде насочена кон олимпискиот вицешампион, новата македонска гордост. За нас како тренери во овие моменти доволен е олимпискиот историски сребрен медал (СО ЗЛАТЕН ОТСЈАЈ), пишува на Фејсбук, Дарко Костовски.

Владата вчера соопшти дека донесе одлука на Георгиевски да му биде доделена парична награда во висина од 1.200.000 денари. На седницата одлучено е на тренерот да му бидат доделени 600.000 денари.

Освојувачот на сребрениот медал во теквондо на ЛОИ Токио 2020 ќе биде награден и со дополнителни 600.000 денари од страна на Агенцијата за млади и спорт, информираа од Владата.

Македонскиот теквондист и донесе сребрен олимписки медал на Македонија во категорија +80 килограми.

Георгиевски загуби во финалната борба од Русинот Владислав Ларин со резултат 15:9, а Мохамед Азми од Египет беше судија на оваа борба. Од Токио се враќа со сребрен медал, а во финалето се пласираше откако во полуфиналето го совлада Кореецот Ин кој го носи прекарот „магионичарот“.

Патот кон олимпискиот медал, Дејан го започна со победата на актуелниот светски шампион Рафаел Алба од Куба, а следуваше и победата над Саиду Гбане од Брегот на Слоновата коска.