Европската комисија минатата година во март донесе нов Акционен план има за цел европската економија да ја прилагоди кон зелената иднина, притоа унапредувајќи ја нејзината конкурентност, а истовремено и да ја зачува животната средина и да обезбеди нови права на потрошувачите. Комисијата ќе предложи ревизија на законот за потрошувачи на ЕУ со што би се обезбедило тие да добијат веродостојни и релевантни информации за производите на продажните места, вклучувајќи го и нивниот животен век, како и достапност на услугите за поправка, резервни делови и прирачници за поправка.
„Акциониот план особено дава насоки за отпадот чија што количина и покрај сите напори на ниво на ЕУ, како и на национален план, не се намалува. Годишното создавање на отпад од севкупните активности на ЕУ е во висина од 2,5 милијарди тони, поточно 5 тони по глава на жител, додека секој граѓанин во просек произведува речиси пола тон комунален отпад. Законите на ЕУ од 1970-тите години поврзани со отпадот доведоа до значајни подобрувања во управување со отпадот. Затоа, потребно е постојано да се модернизираат со цел да се вклопат во циркуларната економија и новото дигитално време. Акциониот план предлага ревизија на ЕУ законодавството во врска со батериите, амбалажата, отпадните возила, како и опасните супстанци во електронската опрема, со цел да се спречи создавањето на отпад, да се зголеми количината на рециклиран материјал, да се промовира сигурен и чист проток на отпадот, обезбедувајќи висококвалитетно рециклирање. Сето ова од наведеното е со цел до 2030-тата година да се намали вкупното создавање на отпад и да се преполови количината на преостанатиот (не-рециклиран) комунален отпад“, појаснуваат од здружението „Еко-свест“.
Според нив, главната цел е овој Акционен да ја поддржи глобалната транзиција кон циркуларна економија и пред се на меѓународно ниво да се постигне глобален договор за пластика но и да се дефинира „сигурен оперативен простор“ за употребата на природни ресурси.
Како што наведуваат, Акциониот план ќе биде потребно усогласување и соработка на сите засегнати страни на сите нивоа – ЕУ, национално, регионално, локално и меѓународно. Со тоа Комисијата ги повикува институциите и телата на ЕУ да го прифатат овој Акционен план и активно да допринесат за неговата примена, и ги охрабрува државите членки да ги усвојат или ажурираат своите национални стратегии, планови и мерки за циркуларна економија.
Еко-Свест го спроведува проектот „GEAR – Green Economy for Advanced Region“ финансиран од Европската Унија во рамки на Програмата за поддршка на граѓанско општество и медиуми зa 2016-2017.