Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов и претседателот на мрежата на македонските доброволни противпожарни друштва Кирил Михајлов, од 14 до 16 јануари 2025 година во Дубаи учествуваа на Глобалниот настан за подигнување на јавната свест, превенција, обуки и опрема за противпожарна заштита.
Посетата следува по поканата од генералниот директор за цивилна одбрана на Дубаи генерал Рашид Тани Рашид Ал Матрош и потполковник Др. Иса Ал Мутава главен офицер за вештачка интелигенција, раководител на глобалните индикатори за инциденти со пожари и директор на Одделот за мониторинг и инспекција во цивилната одбрана во Дубаи.
Ангелов и Михајлов остварија билатерални средби со домаќинот и со други високи претставници и учесници од владиниот и невладиниот сектор, а во рамките на програмата имаа можност да се запознаат со најновите достигнувања во опрема, и специфични вештини за противпожарна превенција и заштита со посета на Меѓународниот саем за противпожарна опрема, посета на Главниот команден и оперативен центар во Дубаи, Противпожарна станица како и посета на мобилна пловечка противпожарна станица со демонстрација на нејзината моќност како единствена во свет, пловечка противпожарна платформа.
-Посебен акцент беше ставен на тренингот на пожарникарите, нивната противпожарна опрема и возила како и користењето на најсофистицирана опрема за следење, координација и справување со пожарите во Дубаи.
Домаќините изразија подготвеност да помогнат на Македонија во опремување со модерна противпожарна опрема, информираат од ЦУК.