Македонија ќе испрати 10 војници на границата со Русија

Армијата на Република Македонија ќе се приближи до руската граница, спроведувајќи го планот за испраќање на трупи во прибалтичкиот регион, една од најзасегнатите територии во безбедносната доктрина на НАТО во моментов.

Како што дознава порталот специјализран за одбрана – Балканска безбедносна мрежа, планот на владата е бројот на македонски војници во странство да се зголеми од 71 на 118 од кои два вода ќе бидат во состав на КФОР на Косово, а десет војници се планирани да се стационираат во Летонија.

Со ова ќе се зголемат и трошоците за цели 66 проценти. Зголемувањето на силите надвор од нашите граници ќе ја чини Република Македонија пет ипол милиони евра.

Првите војници во Летонија треба да заминат во јули, а НАТО веќе има свои сили на границата со Русија и со Белорусија. Таму се сместени четри единици со по илјада припадници на кои ќе им се приклучат и македонските сили. На чело на силите во чиј склоп ќе бидат и нашите војници се офицери од канадската армија.

Македонија ќе остане и на Косово во процесот наречен „балканизација на КФОР“ каде што учество земаат повеќе балкански земји откако големите сили решија да ги повлечат своите војници.

Војската на Република Македонија има и свои сили во Ирак каде што се четворица војници, тројца во Либија и двајца во Централноарфичката Република.