Македонија е во првите десет земји во светот според бројот на пушачи

Просечно по 21 до 22 цигари дневно консумира секој пушач во државава. Македонија е рангирана меѓу првите десет земји во светот според бројот на пушачи, кој во 2018 година изнесуваше 40 проценти од вкупното население. Во едно домаќинство во државава месечно се пушат 28 кутии цигари. Алармантни се бројките и многу малку се прави во однос на подигнување на свеста и донесување законски решенија. Ако се делува со акцизата на цигарите и ако таа да се зголеми за 25 отсто, би се намалил процентот на пушачи за осум отсто, а приходите од акцизата би се зголемиле за 12 проценти. Тие дополнителни приходни можат да се насочат за здравствени цели.

Ова денеска за МИА го изјавија професорот на Економскиот факултет во Скопје, Борче Треновски, кој е дел од експертскиот тим кој работи на проектот поврзан со оданочување на тутунот и Тамара Миовиќ Спасова од организацијата „Аналитика тинк-тенк” пред почетокот на регионалната конференција на тема „Подобрување на политиките на оданочување на тутунот во земјите од Западен Балкан”.

– Имаме огромен број негативни социјални и здравствени ефекти поврзани со пушењето. Подготвуваме предлози за политики што се поврзани со пушењето, со фискалните ефекти и со намалување на негативните ефекти од него. Се наоѓаме во ситуација каде имаме двојна добивка, начин преку определени фискални мерки да го дестимулираме и намалиме пушењето и ефектите од него, да превенираме и да го наполниме Буџетот. Од друга страна, преку намаленото пушење може да влијаеме и на едукативниот процес и на здравјето на нацијата. Ќе има позитивни социјални ефекти…, рече професорот Треновски.

Миовиќ Спасова информираше дека заедно со Универзитетот од Чикаго работеле на анализи за тоа кои би биле ефектите од зголемување на цената на цигарите во намалување на пушењето. Еден денар од акцизата оди за ретки болести, меѓутоа, посочи, со таа мерка доколку акцизата дополнително се зголеми би се добиле дополнителни приходи.

На прашање дали се применуваат такви практики во други земји, рече дека слична е ситуацијата и во останатите земји во регионот и затоа дошле до решение дека е потребно да се делува со регионално воедначување на цените, да има воедначена даночна политика за да нема зголемување ниту на сивата трговија, ниту на шверцот со цигари, а сепак да се постигне примарната цел да се намали пушењето.

Министерот за здравство Венко Филипче потенцираше дека како ресор имаат обврска да укажат и да ја подигнат јавната свест дека бројот на пушачи треба да се намали. Истовремено, посочи, многу е битно тие да работат на одвикнување со оглед на тоа што не само што се директно поврзани негативните ефекти од пушењето со овие болести, туку и пушењето само по себе има по класификацијата своја шифра дека е болест на зависност.

– Во Центрите за јавно здравје години наназад постојат советувалишта за одвикнување од пушење со оглед на тоа што дефинитивно е докажана директната корелација на пушењето со негативниот ефект врз крвните садови, директната поврзаност со кардиоваскуларните болести, со некои типови карцином, пред се карциномот на белите дробови. Дел од акцизата од цигарите од 2015 година, еден денар од една кутија оди во буџетот за ретки болести, што само по себе не е доволно, ние го дополнуваме, па за неколку пати е зголемен за 2019 и 2020 година што овозможува да обезбедиме соодветна терапија за сите пациенти со ретки болести, истакна Филипче.

Појасни дека глобално вкупниот број на пушачи е намален, но имајќи го предвид зголемувањето на популацијата апсолутниот број пушачи е ист во последните неколку години.

На конференцијата беа презентирани истражувањата спроведени во шест земји од регионот и дискутираа претставници на јавни државни институции релевантни во областа на контрола на употребата на тутунските производи, како и нивните фискални и здравствени аспекти.