Македонија и Србија заеднички ќе бараат пари од ЕУ за брзата пруга до Скопје и до Солун

Српкиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ денеска изјави дека Грција, членка на ЕУ, благодарение на договорот на претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Грција Киријакос Мицотакис се вклучува во проектот за градење брза пруга од Будимпешта преку Србија и Северна Македонија до Грција, што е историска победа за Западен Балкан бидејќи Европскиот Коридор 10 повторно ќе стане еден од најважните европски коридори, јави МИА од Белград.

Весиќ во изминатите неколку дена беше домаќин на својот грчки колега, министерот Христос Стајкурас, со кого патуваше за Нови Сад со брзиот воз „Сокол“ и му ги покажа 76-те километри брза железница која веќе е во функција и како напредуваат работите до Суботица.

– Потпишавме договор со Северна Македонија со кој заеднички ќе настапиме пред ЕУ, да обезбедиме пари за продолжување на брзата пруга до Скопје. Веќе ја градиме пругата од Ниш до Брестовац, а потоа имаме уште 135 километри до Прешево и 50 километри од границата до Скопје, за да имаме пруга Скопје – Ниш – Белград – Суботица – Будимпешта. А од вчера во овој проект е вклучена и Грција, рече Весиќ.

Весиќ изјави дека во мај ќе биде распишан тендер како дел од проектот за изградба на брза железница Белград-Ниш долга 230 километри за втората и третата делница, а до крајот на годината и за првата, проект кој чини 2,7 милијарди евра, од кои 610 милиони евра се грант од ЕУ.