![пари](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2015/08/pari.jpg?resize=275%2C183&ssl=1)
Во Македонија се исплаќа најниска минимална плата во споредба со другите земји од регионот и таа изнесува 12.507 денари или 203 евра. Минималецот во Босна и Херцеговина е 208 евра, во Албанија 211 евра, а во Црна Гора од неодамна минималната плата е зголемена на 222 евра, пишуваат регионалните медиуми.
Во Србија најниската заработувачка во моментов изнесува околу 230 евра, но следната година се очекува зголемување за 11 отсто.
Поранешните југословенски држави, кои добија членство во Европската унија, Хрватска и Словенија, имаат значително повисоки минимални плати.
Хрватските работници можат да заработат најмалку 405 евра, додеа во Словенија минималецот значително ја надминува просечната плата во повеќето земји од регионот и изнесува 667 евра.
Македонската Влада ја зголеми минималната плата во април годинава, за 3,3 отсто, или на 203 евра.
– Знаеме дека и тоа не е доволно. Финишираат преговорите за ново, осетно зголемување на минималната плата, за уште повеќе пари во семејните буџети. Преговорите со синдикатите и стопанствениците привршуваат. Наскоро ќе има ново, значајно покачување на минималната плата. Не за 500 или 1.000 денари туку за повеќе“, рече премиерот Зоран Заев, пред два дена, на трибина во Куманово.