Меџити: Влезот на Алијанса за Албанците во Владата, спас на Артан Груби

„Младината е на нозе!“, вака пратеникот Изет Меџити го претстави вечерашниот собир што се одржа во Македонскиот народен театар.

Меџити на својот профил на Фејсбук го пренесува видеото, на кое се гледа дека пред полната сала на МНТ, тој и останатите членови на „огнената“ група на ДУИ ги презентираат нивните аргументи пред подмладокот зошто сметаат дека министрите на ДУИ треба да заминат од владата.

„Ќе го слушаме гласот на скопската младина и ќе ги откриеме нашите ставови за актуелната ситуација заедно со мојот пријател Блерим Беџети. Ги поздравуваме младите од Скопје, младите кои секогаш биле во чело на големи процеси“, напиша Меџити на Фејсбук.

Во говорите на „огнените“ можеше да се слушне дека е потребна поголема демократија и дебата во партијата, но и функционирање на партиските тела, а за цело време се слушаше името на Артан Груби.

Во изјава за медиумите Изет Меџити рече дека „огнените“ се противат на влезот на Алијанса за Албанците во Владата затоа што сметаат дека е само за спас на Артан Груби од интерпелација.

„Непотребни се некои движења деновиве што се случуваат бидејќи има стабилно мнозинство и се друго е во функција да се спаси Артан Груби. Нема ништо заедничко со интересите на граѓаните, со интегративниот процес, со уставните промени, туку се ова е акробација во функција да се спаси ова зборувам за делот на ДУИ нелегитимен кај народот“, рече Меџити.

За Меџити нејасна е одлуката за влез на Алијанса во Владата.

„Не гледам причина кога е останат само еден буџет да се реализира, година пред изборите некоја опозоциона партија да влезе во владиниот состав. Но, нивна одлука е и ако одлучат така ќе бидат патерица на Артан Груби“, додаде Меџити.

Тој најави дека ќе продолжат да се сретнуваат со партиските структури и со граѓаните и покрај фактот дека Али Ахмети е на страната на Груби и нема намера да го смени.