Македонија може да остане без метеоролози: Нема интерес за студирање метеорологија

Во изминатите две години на студиите по метеорологија студираат само тројца студенти. Доколку овој тренд продолжи, државата ќе се соочи со дефицит на метеоролози бидејќи и во Управата за хидрометеоролошки во наредните пет години голем број од вработените ќе го остварат правото за пензија.

Ограничените вработувања, искуствата од претходните генерации дипломирани метеоролози кои сѐ уште чекаат вработување, недостатокот на стипендирање и неатрактивните студии со мали месечни приходи се само дел зошто младите сѐ поретко избираат да студираат метеорологија.

Д-р Владо Спиридонов, редовен професор по метеорологија на Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје, во изјава за МИА вели дека доколку овој тренд продолжи, ситуацијата многу брзо ќе стане загрижувачка.

– Во наредните три до четири години државата ќе остане со само неколку дипломирани метеоролози. Ако не се вработат оние кои долго чекаат вработување и со љубов завршиле метеорологија, ситуацијата ќе биде драматично влошена. Во меѓувреме, ако не се преземат чекори за едукација на нови високо образовни кадри, како и специјални среднообразовани кадри за потребите на оперативната метеорологија неопходни за функционирање на хидрометеоролошкиот набљудувачки систем, ситуацијата на среднорочен и долгорочен план ќе постане алармантна, вели Спиридонов.

Додава дека Институтот за физика при ПМФ отсекогаш давал поддршка за развојот на метеорологијата и дека од 2022/23 година студентите можат да студираат според новата студиска програма за I циклус студии по геофизика-метеорологија или пак да се запишат на некоја од останатите програми (теориска, наставна, применета, медицинска или астрономија).

– Во завршна фаза е и одобрувањето на студиската програма за II циклус студии по метеорологија од страна на Одборот за акредитација така што се надеваме дека интересот за студирање на младите во иднина ќе биде поголем, посочува Спиридонов.

Според него, младите не гледаат перспектива бидејќи сметаат дека се ограничени вработувањата во само мал број институции, првенствено Управата за хидрометеоролошки работи, Центарот за управување со кризи, Метео службата на Аеродромот во Скопје и во медиумите.

Како дел од причините ги наведува и искуствата од претходните генерации дипломирани метеоролози кои чекаат вработување, и по неколку години, а се принудени да работат на други струки.

– Недостаток на финансиски ресурси за студирање, стипендирање, неатрактивни студии со мали месечни приходи, недостаток на организиран и системски пристап, отсуство на координација и кооперативност во однос на потребите за градење на капацитетот и јакнење на кадровскиот дефицит во оваа област и потреба од поголема афирмација и промоција на метеорологијата како стратешка и интердисциплинарна дејност и култура на едно општество се само дел од причините, наведува Спиридонов.

Прашањето, вели тој, е комплексно и неопходен е сеопфатен и современ пристап за подобрување на оваа состојба.

–  Постојана координирана институционална активност во насока на промоција на метеорологијата, преку одржување трибини, промоции во средните образовни установи, семинари, обуки, преку социјалните мрежи, научни предавања, практични посети на УХМР,  и слични активности, како би се истакнале предностите за студирање метеорологија во време на климатски промени и екстремни временски настани. Исто така, користење на можностите за едукација и обуки во рамките на програмите на Светската Метеоролошка Организација СМО, чија членка е нашата земја, Стратешкото значење на оваа современа гранка, интердисциплинарната примена во општеството и можност за вработување во различни сектори (енергетика, земјоделство, водостопанство, шумарство, здравство, туризам, одбрана, внатрешни работи, осигурување), медиуми и локалната самоуправа, набројува професорот Спиридонов.

Токму ова е наведено и во неговата Визија за развој на метеорологијата во земјава 2020-2024 како платформа за иден развој, модернизација, градење и јакнење на капацитетот во областа на хидрометеороошката дејност. Во неа се опфатени целите, современите трендови и идните предизвици за развој на метеорологијата во 21 век.

Како пример колку е актуелна метеорологијата, Спиридонов ја посочува Австрија.

– Додека бев визитинг професор по метеорологија на Универзитетот во Виена 2017-2019 година, имав 33 студенти на мастер и 18 студенти по метеорологија на додипломски студии и 16 студенти на интердисциплинарни студии кои земаа метеорологија кај мене, вели Спиридонов.