Македонија одамна ги исполни условите за пристапување во ЕУ, вели Мас

Сакам многу јасно да кажам дека Германија многу сериозно ја гледа европската перспектива на земјите во регионот. Особено тоа важи за Северна Македонија која одамна ги исполни условите за пристапување кон ЕУ и затоа минатата есен вложивме многу заложби да ја одржиме првата меѓувладина конференција во рамки на нашето претседателство. Тоа не успеа, но сега за време на португалското претседателство и понатаму работиме на тоа, тоа не само што има смисла туку е и неопходно, имајќи ја предвид довербата што граѓаните од Северна Македонија ја имаат во нас, но исто така и интерес на ЕУ е да бидеме што е можно побрзо во можност да ја отвориме таа пристапна конференција.

Ова денеска го порача германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас на заедничката прес-конференција во Берлин со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.

– Во рамки на реформите, Северна Македонија понатаму продолжува и тоа е јасен сигнал до Европската Унија дека вие сте сериозни во спроведувањето на реформите, особено што се однесува до правната држава и тоа е добрата вест и со тоа испраќаме јасна порака дека се движиме кон заедничката цел и Германија стои на ваша страна, потенцира Мас.

Мас, во врска со можноста Северна Македонија и Албанија да се разделат на патот кон ЕУ, е дециден дека раздвојувањето на двете земји не е став што го споделува Берлин.

– Што се однесува на прашањето за раздвојувањето меѓу Северна Македонија и Албанија, вакви дискусии веќе имало и порано, и претходно, но обратно. Во минатото ништо не се смени за пристапниот процес за Северна Македонија и Албанија, а тоа е да бидат водени понатаму заедно во пакет и сметам дека во сегашниот момент германската Сојузна влада исто така многу се залагаше за време на нејзиното претседателство и сега дава поддршка на португалското претседателство да може што е можно побрзо да се изнајдат решенија за решавање на билатералните прашања. Со тоа да може брзо да се отвори пристапната конференција за Северна Македонија и за Албанија. Какви било други размислувања за разделувања на овие две земји не се мислења што ние ги споделуваме, рече Мас.

Во врска со истото прашање, Османи рече дека иако ЕК за Северна Македонија 11 пати по ред дава препорака за започнување преговори, и дека и покрај тоа што „кондиционалноста на процесот на проширување се заснова на индивидуалните заслуги на секоја земја посебно“, искуствата покажуваат дека кога државите се движат заедно во процесот, синергијата што се создава е поголема отколку збирот на поединчното движење на државите.

– Сметаме дека Албанија и Северна Македонија ги имаат исполнето условите и треба да започнат преговори и тоа ќе даде нова динамика на регионалната перспектива на регионот, и со тоа ќе се придружат на Црна Гора и на Србија кои веќе ги имаат започнато преговорите. Така што не гледаме причина зошто би имало издвојување, особено, кога Северна Македонија ги има исполнето сите критеруми – има 40 проценти од европското аки преточено во своето домашно законодавство, 95 проценти ја има усогласено својата надворешна и безбедносна политика со таа на ЕУ, ги имаме постинато економските и политичките критериуми за членство, така што не гледаме причина зошто Северна Македонија би останала назад во овој процес, истакна Османи.