За ставот на господинот Вархеји, јас го почитувам неговиот став, но се надевам дека и тој го почитува мојот став, а тоа е дека Македонија и македонскиот народ премногу дадоа за тие европски вредности. Насила ни беше сменето знамето, насила ни беше наметната времената референца за името, добивме случај во Хаг, но и тој насила ни беше поништен под изговорот дека тоа е меѓународно право и појаките имаат поголемо право. Потоа насила ни беше променет Уставот, насила ни беше променето уставното име, насила сега беше прошверцуван обид да се начне македонскиот идентитет и ако сите овие се европски вредности, простете но јас не сакам да ги споделувам. Вака за време на денешната посета во општина Бутел, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговори на новинарско прашање за пораката која вчера еврокомесарот Вархеји ја упати до ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека не се европски вредности случувањата во Собранието за време на дебатата кога се разговараше за преговарачката рамка.
„Јас сакам да ги споделувам вредностите дефинирани со копенхагеншките критериуми и вредностите кои се дефинирани според договорот за асоцијација и стабилизација кои што патем речено да ве потсетам македонската влада, односно првата влада на ВМРО- ДПМНЕ уште во 2000 година го потпиша, дури и пред Хрватска. Втората влада на ВМРО-ДПМНЕ обезбеди визна либерализација и обезбеди позитивен извештај за отпочнување на преговори. А што правеа владите на СДСМ? Менуваа име, менуваа знаме, тргуваа со влијание, многу кадеа од транзицијата до сега и тоа се влади кои според овие бирократи споделуваат европски вредности, а ние не споделуваме. Ако се тоа европските вредности простете, но јас не ги споделувам“,потенцираше Мицкоски.
Тој додаде дека е јасно тоа дека луѓето од власта само за да ги зачуваат привилегиите и тендерите во четири очи да врват се подготвени да продадат се што народот стекнал со мака
„Јасно е, граѓаните гледаат дека за да ги зачуваат привилегиите, да ги зачуваат столиците, тендерите во четири очи да врват, подготвени се сѐ да распродадат што народот го стекнал со мака. Но и покрај тоа не треба да губиме надеж, затоа што не е работата завршена, односно браникот се пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Парламентот“, подвлече Мицкоски и додаде:
„Среќа што не ја дозавршија работата, односно немаме промена на Уставот со тоа што ако имаше промена на Уставот тие ќе ја усвоеја преговарачката рамка и тогаш ќе беше „мат“ за македонскиот идентитет, но сега засега работата е стабилна и така и ќе остане. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и уште некои слободноумни пратеници во Парламентот се браникот на македонскиот идентитет и нема да дозволат промена на Уставот“.