Македонија презеде важни чекори за спроведување на своите одбранбени реформи од влезот во НАТО, смета Бауер

Од влезот во НАТО, Македонија презеде важни чекори за спроведување на своите одбранбени реформи, за три години земјата постигна импресивно ниво на воена интеграција во Алијансата, посочи на денешната прес-конференција претседавачот со Воениот комитет на НАТО, адмирал Роб Бауер.

Адмиралот Бауер на заедничката прес-конференција со министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски посочи дека покрај придонесите што нашата држава ги дава на Алијансата, како што е поддршка за борбените групи во Бугарија, Летонија и Романија и на Косово, трупите на Македонија служат под знамето на НАТО во мировна мисија.

„Вие придонесувате и во силите за одговор на НАТО кои ја гарантираат безбедноста и одбраната на сите сојузници. Од влезот во НАТО Северна Македонија презеде важни чекори за спроведување на своите одбранбени реформи. За три години постигнавте импресивно ниво на воена интеграција во НАТО адаптирајќи ги вашите структури и сили на потребите и барањата на НАТО и ја зголемивте вашата имперабилност“, рече Бауер.

Петровска на прес-конференцијата потсети дека Македонија заедно со сојузниците на јунскиот самит во Вилнус ја реафирмираше определбата за вложување на најмалку 2 отсто бруто домашниот производ (БДП) во одбраната, и тоа, како што рече, целосно е реализирано.

„Северна Македонија е столб на регионалната безбедност. Ќе продолжиме да придонесуваме со свои сили во мисијата на НАТО на Косово, затоа што сме убедени дека регионалната безбедност и стабилност мора да биде пред се и над се. Само така можеме да создадеме регион кој е просперитетен и кој ќе продолжи да живее во мир и демократија“, рече Петровска.

Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски на прес-конференцијата рече дека го информирал адмиралот за тековните процеси на вооружените сили, како и за реформите и трансформацијата на нашата Армија, операциите кои ги организиравме во земјата, но и НАТО воените операции.