Највисоки просечни плати во регионот се евидентирани во Словенија и Хрватска, а најниските во Северна Македонија, Србија и Босна и Херцеговина, покажуваат последните официјални статистички податоци.
Според словенечкиот Завод за статистика, просечната нето-плата во таа земја изнесува 1.114 евра, јави Анадолија. Во исто време, тоа е единствената плата во земјите од регионот која го надминува прагот од 1.000 евра. Просечната плата во Словенија е двојно поголема од просечните примања во речиси сите земји од балканскиот регион, исклучувајќи ја Хрватска во која просечните месечни примања се движат околу 900 евра.
По Словенија следува Хрватска, исто така членка на Европската Унија, каде просечната плата во август изнесувала 6.438 куни, односно 864 евра. Следува Црна Гора, каде што според официјалните податоци на Заводот за статистика на Црна Гора – Монстрата, просечната заработувачка без данок во август 2019 година изнесувала 517 евра.
Најниски просечни плати во регионот се забележани во Северна Македонија, Србија и Босна и Херцеговина.
Според податоците на Агенцијата за статистика на БиХ, просечната исплатена месечна нето-плата во БиХ во август оваа година изнесувала 925 конвертибилни марки (472 евра), Според податоците на Републичкиот завод за статистика на Србија, просечната плата во Србија во август оваа година изнесуваше 54.115 динари или 460 евра.
Според Заводот за статистика на Северна Македонија просечната плата во јуни изнесувала 25.127 денари, односно 409 евра, што е убедливо најниската месечна заработувачка во регионот.