Македонија тоне, она што се случува во надворешната политика има директен ефект и во домашната политика, рече Митева

„Се додека власта презентира една слика, се додека власта вели дека Македонија оди напред, ние се повеќе чувствуваме дека Македонија се по веќе и повеќе ја нема. На полето на надворешна политика Македонија навистина се соочува со сериозни предизвици. И кога велам сериозни предизвици мислам на сите изминати 30 години. Овие три декади Македонија навистина се соочила со огромен број на предизвици кои што значеле нејзино негирање, значеле Македонија многу да даде, се со цел нешто да добие. Меѓутоа реалноста е сосема поинаква, Македонија многу дала, но за жал досега ништо не добила“, истакна Марија Митева, портпарол и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на денешната трибина „Надворешна политика“ одржана во Битола во рамки на акцијата „Ова е Македонија за сите” .

Митева додаде дека би започнала со Спогодбата за асоцијација и стабилизација која што стапи во сила во 2004-тата година и која што практично беше првиот чекор на патот кон евроинтеграциите. Значеше почеток на политички дијалог, трговска либерализација и размена во многу останати сфери. Во 2005-тата година Македонија го доби кандидатскиот статус. Години подоцна следеше и првото вето за кое што Македонија требаше да направи суштински промени и кои за жал власта на СДСМ ги направи преку потпишување на штетни договори при што велеше дека тоа е последната рата од кредитот кој што Македонија треба да го плати и сметката тука ќе биде завршена. И неколку години подоцна Македонија се соочува со нов предизвик, со ново вето т.е. ветото од Бугарија кое можеби е најголемиот предизвик со кој што се соочува државата во моментов.

„Дури ни самата Бугарија би кажала не е свесна дека една власт ќе биде способна да направи толку многу отстапки се со цел да и се допадне на Бугарија, а со тоа да задира во националните интереси, во идентитетот, во јазикот, и во историјата на македонскиот народ. Но, она што се случува во надворешната политика има директен ефект и во домашната политика. Свесни сме сите дека навистина ни недостасуваат огромен број на реформи кои што треба да ги исполниме се со цел да ги исполниме критериумите за да Македонија да биде земја членка на ЕУ, достоинствено, принципиелно, онака како што ние цениме дека тоа треба да го направиме. Тука би зборувала пред се за владеење на правото кое што буквално не постои, се посветува внимание на политички прогон, на политички пресуди, борбата за корупција наместо да биде вистинска и чесна се претвори во натпревар кој од власта ќе биде покорумпиран. Тука ќе зборувам и за реформите во судството кои што буквално ги нема, можеме само да го земеме како пример последниот случај во Судскиот Совет“, нагласи Митева.

Таа ги посочи и економските критериуми, кои што Македонија треба да ги исполни за да биде достојна членка на ЕУ, а наспроти тоа државата се соочува со огромна инфлација, со огромна сиромаштија, со невработеност, со иселување, дури и земјата веќе не е посакувана за странски инвестиции. Македонија се повеќе и повеќе губи на полето на економијата.

„Треба да размислуваме како ќе работиме во иднина затоа што очигледно е дека оваа најнеспособна власт досега остави навистина големи траги во секоја една институција. Ќе ни треба многу работа, многу труд и со чесна политика ќе ги замениме оние патувања во странство и скапи ручеци со вистински преговори, ќе го кренеме реномето на Македонија, да Македонија повторно биде достоинствена и граѓаните да се чувствуваат горди што се дел и што имаат Влада што навистина искрено ги застапува нивните интереси“, заклучи Митева.

На трибината свое обраќање имаше и претставникот на Унијата на млади сили, Тодор Конески кој што истакна дека неговата генерација како млади луѓе во Македонија имаат направена една многу голема заложба, дека тие се таа генерација која сакаат да го направат финалниот пуш за да ја направат и да ја видат Македонија во Европската Унија.

„Но, реалноста во која што живееме е многу поразлична од тоа, поради фактот што во последните неколку години како држава, особено и како млади луѓе живееме во време на порази и како млади се соочуваме со тоа што помалку прилики да добиваме во нашата држава. Во последните неколку години, особено со таа мерка за визна реализација нас ни се зголеми мобилноста за европскиот континент, при што повеќето од нас младите сме имале прилика во последните години да прошетаме и да видиме што се случува низ целиот европски континент. И кога ќе видиме какви системи функционираат таму и како сите работи се функционални и се достапни и постандардизирани, сфаќаме дека тоа е еден систем кој што би сакале и ние да ги имаме и во кои што сакаме да живееме“, истакна Конески.

Тој посочи дека во Македонија имаме структура на власт која што ни се претставува како европски фронт, дека таа е предводникот на европската политика, но според мене и според сите млади во државата, реалноста е дека оваа структура на власт, европскиот фронт и европската идеја ја користи само како еден механизам плус за да остане ден повеќе на власт.