Македонија требаше многу повеќе да ги искористи придобивките од членството во НАТО на економски и на безбедносен план, следејќи ги искуствата на другите држави, меѓутоа, за жал власта таа прилика ја пропушти, смета професорот Александар Спасеновски.
„Посетата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на Македонија е исклучително важен чин, бидејќи по стекнувањето на независноста, членството во НАТО е следната голема победа и е повеќегодишна заложба за која се работеше за таа цел повеќе години“, рече Спасеновски во гостувањето во централниот дневник на Сител во „Тема на денот“.
„Фактот дека центарот на регионалната турнеја на Столтенберг е официјално Скопје, тоа може да се толкува и како демонстрација на еден позитивен однос кон нас како држава кој мора да се искористи“, истакна Спасеновски.
Според него, обраќањето на генералниот секретар на НАТО пред Собранието во кое се застапени претставници на сите релевантни политички партии, претставува и одговор на демонстрираното политичко единство во државата во насока на поддршка на членството на Македонија во оваа многу важна меѓународна организација.