Македонија во фаза на широка трансмисија на коронавирусот

Пад на новозаболени од коронавирусната болест Covid-19 на неделно ниво има во повеќето европски земји, вклучувајќи ја и  Македонија со 23 отсто помалку случаи во однос на претходниот седумдневен период.

Минатата седмица Комисијата за заразни болести одржа состанок, на кој што заклучи дека земјата е во фаза на широка трансмисија со соодветни капацитети за одговор, а во такви услови нема потреба од нови ковид-мерки. Комисијата апелираше на одговорно однесување и почитување на актуелните мерки.

„Останува препораката за сите граѓани, а особено за граѓаните кои спаѓаат во ризични групи за потежок тек на болеста да се придржуваат до сите потврдени епидемиолошки мерки за заштита од инфекција, како често и темелно миење или дезинфицирање на раце, избегнување на гужви и престој во затворени и непроветрени простории и носење на заштитни маски, како и придржување до препораките за вакцинација против Covid-19, апелираше Комисијата.

Во моментов, согласно податоците од Институтот за јавно здравје има 4.218 активни случаи на коронавирусот. Најголем број се од Скопје – 1.700, додека во Дојран, Демир Капија, Делчево, Македонска Каменица и Македонски Брод има едноцифрена бројка активни случаи. Пехчево е единствен град во земјава без активни случаи.

Здравствените власти во земјава и во светот, сепак, укажуваат на внимателност поради можното повторно влошување на епидемиолошка состојба наесен.

Во Македонија вкупната бројка на дијагностицирани лица на Covid-19 од почетокот на епидемијата изнесува 330.755, бројот на оздравени е 317.149, а на починати е 9.388.