Ова да не беше трагично, навистина ќе беше многу смешен изговор од страна на вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров, поранешниот министер за надворешни работи. Кој што очигледно во обид да ја релативизира оваа би рекол непријатна вест од Брисел се обиде да каже колку Македонија била успешна во справувањето со пандемијата, истакна Антонијо Милошоски, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во гостување за „Радио Лидер“ говорејќи за не доделувањето на парична помош од Брисел.
Милошоски додаде дека ЕУ уште во март минатата година објави дека ќе има еден солидарен фонд. И од солидарен фонд ќе можат да се надоместат одредени трошоци направени од земји членки на ЕУ, но и од земји кандидати за членство, поврзани со справување со пандемијата. Тој солидарен фонд изнесуваше 530 милиони евра. Од кои што гледаме дека Србија добила 12 милиони евра, Хрватска добила 7.5 милиони евра, Албанија добила еден милион евра, а Македонија добила нула евра.
– Првиот обид на Владата да релавитизира беше дека ние успешно се справуваме, но од друга страна имавме една изјава од ЕК дека Македонија воопшто не ни аплицирала, го пропуштила рокот. Според мене претпоставувам дека власта го пропуштила аплицирањето затоа што во јуни минатата година приоритет и беа изборите, и делењето на пакети со салама и макарони. Наместо да им биде приоритет мерките со кои што можат да им помогнат пациентите, здравствените работници, па и самите граѓани, рече Милошоски.
Милошоски го посочи и второто објаснување на Владата зошто го пропуштила аплицирањето за солидарен фонд бидејќи Македонија не потрошила 30 милиони евра и затоа немало да ги добијат парите од ЕУ.
– Ако Македонија потрошила само осум милиони евра, а не потрошила 30 милиони евра, тоа значи дека Македонија четири пати помалку се обидела да понуди добри здравствени квалитетни и економски услуги за граѓаните. Македонија требало во март, април, мај, јуни минатата година наместо да дели Владата пакети со салама и макарони да купи 20 амбулантни возила, да купи респиратори, да купи апарати за кислородна поддршка, да направи доопремување и обука на болниците и здравствениот персонал. Да им купи на здравствените работници скафандери, заштитна опрема, но тие сами си ја купуваа за да се заштитат при работа од КОВИД-19, потсети Милошоски.
Милошоски кажа дека владата не инвестираше ниту во тестови, маски и витамини за постарите лица.