„Македонија за сите луѓе“ – новата политичка стратегија на ВМРО-ДПМНЕ

-Македонија за сите луѓе – новата политичка стратегија на ВМРО-ДПМНЕ, светогледот согласно кој ние ќе дејствуваме. Платформата со којашто ќе допреме до секое срце на секој еден наш граѓанин. Силата која што ќе ги обедини сите искрени и чесни граѓани кои си ја сакаат земјата и кои сакаат својата иднина да ја градат овде, во Македонија. Време е да зборуваме за иднината, да му кажеме на народот што е нашата визија, мојот сон за нашата заедничка Македонија. Време е да се крене земјата од оваа национална и економска девастација. Време е да се победат неморалот, кичот и парадерството – посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој вечерва, на одбележувањето на 31. година од создавањето на партијата ја претстави новата политичка стратегија.

Нагласи дека Македонија не е создадена за касти, клики и слоеви. Македонија е на македонскиот народ и сите граѓани кои слободно живеат под ова небо.

-Затоа нашата борба од денес па натаму, се вика МАКЕДОНИЈА ЗА СИТЕ ЛУЃЕ! Започнуваме со новитетот кој значи ново визуелно ребрендирање на партијата. Партиските бои се црвена и црна. Државните бои се црвена и жолта. Овие три бои се симбол на нашиот патриотизам и тие не’ обединуваат сите. Ова се јасните бои на Македонија и ВМРО, но измеѓу постојат повеќе нијанси, коишто опфаќаат повеќе категории на луѓе. Сите овие категории имаат свои специфики, аспирации, желби, капацитети, потреби, светогледи и вредности кои нив ги дефинираат. Но сите нив и покрај можеби разликите кои постојат, сите нив ги обединува големата љубов кон Македонија, нивниот патриотизам, посветеност и одговорност, нивната трудољубивост, чесност и идеали. И нивната бескомпормисност да се борат и да победат против мафијата на власт, за да ја турнат мафијата од власт, за да стане Македонија на нозе. Затоа трите бои на патриотизмот прераснуваат во осум кои истотака се патриотски, се со цел да претставиме дека помеѓу нас некогаш може да има разлики, но кога Македонија е во прашање, сите сме едно и сите сме на браникот. Целта е и да претставиме дека секој еден е важен, дека секој има свои вредности кои ние ги почитуваме, дека секој е значаен во оваа епска битка и дека сите треба да се здружиме, да ги збиеме редовите, да си подадеме рака, да се обединиме затоа што имаме сериозен противник кој не бира средства, а кој работи контра македонските интереси. Ние се обраќаме кон сите кои своите идеали ги наоѓаат во десниот политички спектар на Македонија и тоа од мекиот десен центар, до крајната десница. Корпус од 500.000 граѓани, јадро на нацијата, кои доколку се здружат, ќе нема кој да ги победи. И ќе извојуваат победи за Македонија. Е затоа Македонија е за сите луѓе – рече Мицкоски.

Го објасни значењето на боите:

-За оние кои ја носат црвената во срцата, на кои крвта им е врела, кои сакаат добробит за македонските градови и села.
И за оние на кои црната им е важна, кои жалат по гоцевите идеали, и сонуваат да ги поправат последиците од катастрофалните национални порази кои ги донесе Заев. И за сите оние кои пропатеа од црнилата на оваа власт, на кои што тешкиот живот им е секојдневи, за мајките, татковците, браќата и сестрите на кои режимот на Заев им одзема нешто, а на некои им го одзема и животот.
Жолтата за оние кои веруваат во вистинска демократија, кои се борат за човекови права, кои имаат енергија и виталност, предизвикува среќа и радост, но и веруваат во европскиот сон.
Белата за оние кои веруваат во слободата, и кои се борат за иднина, како нов почеток, нова победа, нов успех.
Сивата е за обесхрабрените, оние кои овој хибриден режим ги осиромаши и понижи, кои ги избркаа од работа, а децата им ги избркаа од државата. Оние кои ги условуваат со социјалната помош и земјоделските субвенции. Оние кои и покрај маката имаат мотив, големи срца и никогаш не потклекнаа.
Аловата, светло црвената, е за младите кои се наша иднина и иднина на нашата земја. Кои поседуваат идеи, знаења, вештини, имаат потенцијали и капацитети да ја носат Македонија на свој грб и да ја направат многу поуспешна од многу други земји, затоа што имаат премногу енергија, а наше е да им создадеме шанса и можност.
Бордото е за оние кои бараат правда, правда за себе и правда за Македонија. Кои се за вистинско владеење на правото, за редот и поредокот, за стабилноста и предвидливоста, кои сакаат правен систем кој ќе ја стимулира економската активност и ќе ги руши бариерите за подобро утре.
И портокаловата, за оние кои сакаат да работат. Кои знаат да работат. Кои знаат со свој труд да остварат успеси. Таа е за претприемачите, за бизнисмените, за носителите на економскиот живот. За секој еден човек кој со свој труд и со трудот на своето семејство создава, остварува и гради.
А знакот на успехот, на штиклираното одобрување, значи потврда за нашата решеност и преданост кон идејата, но и приказ дека сме сложни и дека никој не може да не скрши кога сме обединети! Со знакот се симболизира и почетокот на нашата борба, падовите кои ги имавме овие триесет и една година но и издигнувањето и успесите за кои се бориме, исправањето на партијата и исправањето на државата кое ќе го обезбедиме. Нашата иднина е економски развиена држава членка на Европската Унија и НАТО.
Затоа драги пријатели, кажете им на тие кои се уште не чуле дека ВМРО-ДПМНЕ ги има боите на Македонија и дека не бега од своите корени, но и дека има јасен план за иднината.