Во неделарта во Скопје, Македонија2025 организираше еднодневна напредна обука за високотехнолошка извонредност.
Програмата за изработка и програмирање на роботи се реализираше преку модерни и високо ефективни методи на учење и предавање. Тимовите добија различни предизвици за градење на најсофистицирани модели на роботи со следење на специјални инструкции (Robotics & Innovation Academy и LEGO® Education SPIKE).
Предизвиците кои беа поставени пред учесниците се во корелација и решаваат проблеми поврзани со Целите за одржлив развој на Обединетите нации, конкретно Цел бр. 7 – Достапна и чиста енергија: да се обезбеди пристап до достапна, сигурна, одржлива и современа енергија за сите. Наставната програмата се испорача од сертифициран наставен кадар, обучен од LEGO® Education.
И овојпат настанот го посети претседателот Стево Пендаровски, пред кој учесниците ги претставија изработените модели, ја објаснија нивната употреба и применливост во областа на екологија, односно селекција на отпадните материјали и заштита на животната средина. Пендаровски притоа изрази задоволство од покажаната умешност и инвентивност на учесниците и за нивниот успешен одговор на зададените проектни предизвици.
Во тој контекст шефот на државата истакна дека искуствата кои ги стекнале за време на напредната обука ќе имаат силно позитивно влијание во нивниот иден професионален развој. Упатувајќи благодарност до организаторите и поддржувачите, Пендаровски ја нагласи важноста на ваквите тренинзи во поттикнувањето на младите да размислуваат креативно, постојано стремејќи се кон целосно искористување на своите потенцијали.
Во работна посета на Македонија престојуваа и Вера Ставроф и Невенка Димитрова, членови на одборот на директори на Македонија2025 од Америка, кои преку дружење и разговор со учесниците споделија лични искуства и изразија личен поттик кон развивање на вештините и знаењата на младите во областите на СТЕМ. Особен впечаток им остави пристапот и размислувањата на младите при решавање на глобалните проблеми и ги импресионираа можностите на примена на изработените роботи во областа на медицината, индустријата и заштитата на животната средина.
Учесниците на обуката се здобија со сертификати за посетувана обука. Од Македонија2025 притоа изразуваат благодарност до ИтЛабс Скопје кои овозможија да ја реализираме обуката во нивниот тренинг центар.