„Македонија 2025“ донираше 5.300 долари за младите таленти од основното музичко училиште „Методи Патче“, Охрид

Во текот на Глобалниот инвестициски Самит за Македонија кој се одржа во октомври 2013 година, „Македонија 2025“ организираше Хуманитарен концерт во црквата Св. Софија во Охрид, чија цел беше собирање на средства за младите таленти од основното музичко училиште „Методи Патче“, Охрид.

„Македонија 2025“ успеа да собере 5.300 долари кои ќе бидат наменети за набавка на нови музички инструменти за талентираните музичари од „Методи Патче“, кои редовно освојуваат голем број награди на државни и меѓународни натпревари. На 25 февруари 2014 година средствата и беа официјално доделени на директорката на основното музичко училиште, Нина Момировска.

Нина Момировска изрази огромна благодарност до „Македонија 2025“ за донацијата и истакна дека истата е од огромно значење за училиштето, кое ќе продолжи и понатаму да открива и негува млади таленти.

„Луѓето кои дојдоа на Глобалниот Инвестициски Самит во Охрид и беа присутни на тој концерт навистина имаа можност да ја доживеат посветеноста и енергијата на младите таленти. Ми причинува огромно задоволство што идејата успеавме да ја преточиме во реалност. Со овие собрани средства и со новите музички инструменти, сегашните и идните генерации кои учат во училиштето ќе имаат можност да го претставуваат Охрид и Македонија во светот. Македонија 2025 и понатаму ќе остане организација која ќе поддржува и препознава добри иницјативи,“истакна Зоран Мартиновски, член на Одборот на директори на Македонија 2025.

На доделувањето беше присутен и градоначалникот на град Охрид, Никола Бакрачески. Тој им се заблагодари на претставниците на Македонија 2025 за донацијата, како и на директорката на музичкото училиште Момировска за континуираните успеси на училиштето и истакна дека локалната самоуправа ќе продолжи да ги поддржува и мотивира младите таленти кои се големи амбасадори не само на градот, туку и на целата земја.