Македонија има извонредни можности за развој и тоа не само во ИТ секторот и автомобилската индустрија, туку и во агробизнисот, а особено во делот на органското производство на храна, смета Вера Ставров, заменик претседавач со Одборот на директори на Македонија 2025.
Органското производство во светски рамки бележи двоцифрени стапки на раст во последните пет години. Македонија е благословена и и ги има сите неопходни временски услови, чист воздух и вода за производство на извонредни производи и е во одлична позиција да зграби голем дел од пазарот на органска храна, изјави Ставров на маргините на третиот Македонски економски самит, што вчера и денеска се одржува во Скопје, пишува МИА.
Таа посочи дека сите македонски производи треба да се иновативни, особено квалитетни и со прифатливи цени за целната група за да успеат на глобалниот пазар.
Томи Ахонен, експерт за мобилна телефонија и медиумска содржина и консултант за стратегии и мотивациски говорник од Хонгконг, порача дека Македонскиот економски самит ги опфаќа сите главни точки, што даваат можност за натамошен економски развој на земјата.
Со конференцијата отвораме големи можности за натамошен развој на Македонија и успеваме да го фатиме чекорот со новите работи како што се интернетот, мобилната сфера, се со цел бизнисите да можат да држат чекор со времето. Добро е за Македонија што наредните 10 години се златното доба за дигиталната технологија и за мобилниот дел. Тоа е индустрија на младите која бара добро образовани, многу паметни и креативни луѓе, кои во Македонија ги има во голем број, изјави Ахонен.
Лу Наумовски, заменик претседател и генерален директор на Кингрос Голд корпорацијата во Москва и почесен член на Македонија 2025, истакна дека економскиот самит во Скопје е на многу високо ниво и нуди можности за бизнис контакти.
Како Македонец кој живее во странство 55 години сум голем оптимист дека ќе биде подобро, а тоа се должи не само на она што го чув на конференцијата, туку и од контактите што ги имам со многу млади по потекло од Македонија кои учат од најдобрите практики што ги има на Запад и сакаат да работат во земјава и да инвестираат тука. Томку ним Македонија 2025 им помага да се здобијат со најдобрите практики во Канада, изјави Наумовски.
Тој посочи дека главна причина што Македонците од странство не инвестираат во земјава е големината на македонскиот пазар.
Нашата компанија се бави со рударство и е меѓународна и вложува во земји како Русија и Бразил каде има поголем пазар. Македонија во областа на рударството е мала, но во области како што е ИТ секторот нема граници и ограничувања и затоа има канадски инвестиции, рече Наумовски.
Нагласи дека Владата направила се што е во нејзина моќ за да го спречи одливот на мозоци од земјава и да привлече странски инвеститори.
Условите се добри, даноците се ниски, брзо може да се регистрира бизнис, има добри закони, со еден збор ги има сите предуслови, но големината на пазарот не може да се промени. Сметам дека Владата има направено максимум што може да се направи, но не зависи се од неа, туку и од врските што ги има земјава со ЕУ и целиот свет, како и од глобалната економска клима, потенцира Наумовски.