Македонија добива Државна кардиохирургија

По речиси 40 години најави и планирања Македонија конечно ќе добие Државна кардиохирургија.

Министерот за здравство, Никола Тодоров денеска информираше дека Владата на последната седница донела одлука за основање на Универзитетска Клиника за кардиохирургија.

Првата операција на државната кардиохирургија се очекува да се изврши по околу два месеци.

„Последните податоци за стапката на морбилитет од кардиохирушки заболувања ја потврдуваат потребата од основање на државна кардиохирургија и искрено мислам дека ова е сонот на повеќе Влади, министри и огромен број на здравствени работници“, вели Тодоров.

Планирано е првично кардиохиругијата да биде дел Хируршки клиники, а потоа да се пресели на Клиниката за кардиологија откако ќе биде адаптиран простор за што денеска е распишан тендер.

Формирањето на државната кардиохирургија се очекува да ја чини државата околу 150 милиони денари од кои 43 за реконструкција и адаптирање на простор во Клиниката за кардиологија и 106 милиони за набавка на современа опрема за извршување на операциите и грижа на пациентите.

Министерот вели дека тимот кој што ќе работи на кардиохиругија ќе го сочинуваат тројца искусни кардиохирурзи, но во моментов не сакаше да ги открива нивните имиња. Откри дека на владината седница за в.д. директор на Клиниката била назначена Биљана Теофилова.

Покрај основањето државна кардиохирургија пациентите по сопствен избор ќе може да ги користат и услугите на двете приватни кардиохирургии кои имаат договори со Фондот за здравствено осигурување.